Поранешната шефица на Обвинителството за кривично гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, во врска со насилното влегување во Собранието на „27 април“, категорично ги отфрли обвинувањата дека станува збор за монтиран судски процес, прикривање докази или дејствување под политички диктат.
Според неа, случајот е развиен врз основа на силни материјални докази, а одлуката е потврдена и од Апелациониот суд и од Врховниот суд.
„Ниту една изјава на ниту еден сведок не беше сокриена од одбраната“, рече Русковска, нагласувајќи дека адвокатите имале пристап до сите материјални докази, кои биле скенирани и доставени.
Таа потсети дека настаните од „27 април“ биле документирани со бројни видео материјали и дека, како што рече, „целиот свет ги видел доказите“.
На шпекулациите дека може да се појават нови докази за да се повтори постапката, Русковска одговори дека е тешко да се замислат докази што би го побиле она што веќе е јавно видено.
Поранешниот обвинител се осврна и на правната квалификација на кривичното дело, нагласувајќи дека јавноста честопати погрешно го толкува обвинението.
Според неа, обвинетите не биле гонети за класичното кривично дело „тероризам“, туку за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Русковска објасни дека станува збор за различни кривични дела, сместени во различни поглавја од Кривичниот законик.
Таа ги отфрли и тврдењата дека случајот е спроведен по наредба на тогашната влада на СДСМ. Како аргумент, таа го наведе фактот дека токму за време на таа влада била суспендирана и разрешена од функцијата, што, според неа, покажува дека не работела под политички диктат.
