САД распоредуваат неколку стотици војници во Латинска Америка, каде што ќе се обучуваат со регионалните сили, додека Пентагон ја проширува својата кампања против нарко-картелите, објави „Њујорк тајмс“.
Како што пишува овој весник, повикувајќи се на неименувани американски воени претставници, првите делови од баталјон од 600 војници на 10-та планинска дивизија од базата Форт Драм во државата Њујорк почнаа да се преселуваат во нов центар за обука во џунгла во Панама.
Подоцна е предвидено единицата да се обучува со силите во Колумбија и Хондурас, а би можела да ги поддржи американските специјални сили кои ги советуваат партнерските војски во операции против осомничени шверцери на дрога.
Други членови на 10-та планинска дивизија ќе бидат распоредени во новата Команда за операции на Западната хемисфера во Мајами. Распоредувањето доаѓа по неодамнешното префрлање на неколку беспилотни летала MQ-9 Reaper од Африка во Колумбија и Еквадор, и откако шефот на Пентагон, Пит Хегсет, формираше канцеларија за надгледување на антикартелските операции.
Адам Исаксон од канцеларијата во Вашингтон за Латинска Америка рече дека не може да се сети на никакво распоредување на американски војници во регионот кое се приближува до оваа големина, освен за инвазии или реакции при катастрофи.
Војниците треба да учествуваат во вежбата „Јужна вангарда“ во Колумбија на крајот од овој месец. Ротациите се привремени, но би можеле да се претворат во потрајно американско присуство, според официјални лица.
Вашингтон врши притисок врз лидерите во регионот да ги засилат офанзивите против шверцерските групи и да дозволат заеднички операции, но само неколку земји, вклучувајќи ги Колумбија и Хондурас, формално го прифатија ова. Командантот на Јужната команда на САД, генерал Франсис Донован, претходно објави дека операциите ќе се прошират од напаѓање бродови до копнени цели.
Американската војска досега изврши 71 напад врз бродови во Карибите и источниот Пацифик, при што загинаа најмалку 239 лица. Армијата тврди дека станува збор за шверцери на дрога, но не презентираше докази за тоа.
Правните експерти ги нарекоа нападите нелегални, а организациите за човекови права предупредија дека нападите на копно би можеле да го зголемат ризикот од цивилни жртви.
Според „Њујорк тајмс“, некои високи американски претставници изразиле загриженост дека администрацијата не ја дефинирала јасно целта на кампањата. Еден од нив предупреди дека нападот врз американските војници би можел да предизвика ескалација и дополнително да ги вовлече веќе исцрпените сили во нов конфликт.
