Синдикатите на „Фолксваген“ предупредија дека компанијата би можела да укине до 140.000 работни места, вклучувајќи ги и веќе договорените намалувања, додека односите меѓу менаџментот и претставниците на работниците се затегнати.
Шефицата на работничкиот совет на „Фолксваген“, Даниела Кавало, изјави дека довербата во менаџментот и самиот извршен директор Оливер Блум е нарушена, додека Кристијана Бенер од синдикатот IG Metal предупреди дека неговите планови за намалување на трошоците и зголемување на профитот се нереални, пренесува „Блумберг“.
Блум им кажа на вработените дека приближно половина од дополнителните намалувања на работни места на компанијата ќе мора да се спроведат во Германија, што дополнително го ескалира спорот со синдикатите околу реструктуирањето на најголемиот европски производител на автомобили.
За време на состанокот со вработените во главната фабрика на „Фолксваген“ во Волфсбург, тој рече дека ваквите мерки се неопходни бидејќи фиксните трошоци на компанијата се за 30 проценти повисоки од оние на конкурентите.
Покрај тоа, тој истакна дека често споменатите 50.000 дополнителни отпуштања на глобално ниво не се нужно конечната бројка.
„Фолксваген“ веќе намалува работни места во Германија, бидејќи автомобилската индустрија во земјата се соочува со послаба побарувачка, високи трошоци за енергија и зголемена конкуренција од кинеските производители.
Компанијата проценува дека мора да ги намали трошоците за најмалку 10 милијарди евра, со дополнително намалување на европскиот производствен капацитет за околу 500.000 возила годишно.
