Струга дефинитивно нема да биде поврзана со автопатот Охрид-Кичево, бидејќи станува сè поизвесно дека сегментот од Требениште до Ќафасан, кој требаше да биде поврзан со автопатот долг 57 километри, нема да се гради. Ова денес го потврди и премиерот Христијан Мицкоски.
„Овој сегмент најверојатно нема да остане во планот, бидејќи ова не зависи од нас, туку зависи од УНЕСКО. Сепак, се бара начин целата оваа работа да се заврши, бидејќи влегува во периметарот на УНЕСКО и тука ќе најдеме начин повторно да имаме безбедна комуникација меѓу овие два дела и мислам дека ќе го постигнеме ова. Во овој момент, најверојатно, конечната одлука сè уште не е донесена, сè уште се преговара и дискутира, но многу е веројатно дека ќе имаме промени тука“, изјави Христијан Мицкоски – премиер.
Во меѓувреме, премиерот очекува автопатот Кичево-Охрид да биде завршен во рамките на ветениот рок, кој сега е средината на мај 2027 година. Во меѓувреме, кинеската Ексим банка се повлече од понатамошно финансирање.
„Продолжуваме со финансирањето за довршување на автопатот Кичево-Охрид со средства што Јавното претпријатие за државни патишта ќе ги позајми од локалните банки. Од некои причини, финансирањето од Ексим банка од Кина веќе е прекинато. Бевме известени дека ќе го прекинат“, изјави Христијан Мицкоски – премиер.
Во врска со изградбата на другите автопати од Коридорот 8 и 10Д, Мицкоски рече дека повеќе од 90% од работите што зависеа од државата се завршени и дека сега е на изведувачите да ја завршат својата работа, иако, како што рече, рокот можеби ќе треба малку да се продолжи. Овие изјави беа дадени на почетокот на работите за реконструкција на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид.
