Министерството за надворешни работи
на Иран испрати нота до бугарската амбасада во
Техеран, во која повикува на воздржување од какви било активности во поддршка на
Соединетите Американски Држави , вклучително и од американските авиони стационирани на аеродромот „Васил Левски“, објавија бугарските медиуми.
Според предупредувањето, Иран го задржува правото да преземе сите потребни мерки за заштита на својот суверенитет, објавува „Новините“.
„За жал, и покрај изјавите на бугарските власти дека распоредувањето на неколку авиони-цистерни за гориво на меѓународниот аеродром „Васил Левски“ е дел од планирана воена вежба, како и присуството на американската воена авијација (12 авиони), тие се користат за поддршка и полнење гориво на бомбардерите во заедничката американско-ционистичка агресија против Република Иран“, се вели во иранското соопштение.
Иран изјави дека го задржува правото да преземе сите мерки за заштита на своите национални интереси.
„Зошто нелегитимниот Андреј Ѓуров ги крие овие информации? Што чекаме, да падне балистичка ракета? Ќе пристигне за девет минути“, рече Станислав Балабанов од партијата ИТН (Има Такав Народ), кој ја објави содржината на писмото.
Тој побара привремениот премиер Андреј Ѓуров да биде сменет и заменет со нов.
Бугарскиот заменик-министер за надворешни работи Марин Рајков изјави дека дипломатската нота на Иран до Бугарија не треба да се толкува како причина за јавна загриженост.
Тој истакна дека, иако документот претставува фактички информации, тој не ја менува природата на моменталната дипломатска или безбедносна позиција на Бугарија, пренесува „Новините“.
Рајков изјави дека Бугарија сè уште одржува сосема нормални дипломатски односи со Техеран и дека комуникацијата меѓу двете страни е редовна.
Заменик-министерот за надворешни работи на Бугарија нагласи дека бугарскиот парламент не донел одлука со која се обврзува земјата да учествува во активности поврзани со конфликтот, вклучително и оние споменати во нотата.
