Тешката сообраќајна несреќа што вчера се случи во Словенија добива уште потрагични детали. Според најновите информации, меѓу тројцата македонски државјани кои го загубија животот има и две малолетни деца.
Во несреќата, која се случила на приморскиот автопат, на делницата меѓу Унец и Равбаркоманда во правец кон Копер, учествувале патнички автомобил и товарно возило. Камионот претходно бил запрен поради дефект, кога од засега непознати причини автомобилот удрил во задниот лев дел од приколката.
Во автомобилот се наоѓале пет лица, сите македонски државјани. На местото на несреќата лекар констатирал смрт кај три лица, додека две лица биле повредени. Едно од повредените лица било пренесено во болница со хеликоптер, а повреден бил и возачот на автомобилот.
Информацијата дека меѓу загинатите има деца првично се појави како неофицијална информација во словенечките медиуми. Според најновите информации пренесени од македонските медиуми, станува збор за две малолетни деца.
Словенечките власти засега не ги објавуваат идентитетот и возраста на жртвите, а надлежните служби продолжуваат со утврдување на сите околности околу несреќата.
По несреќата, автопатот во правец кон Копер бил затворен, а на местото интервенирале полициски екипи, пожарникари и медицински служби. Создадени биле и долги колони на автопатот.
Трагичната вест предизвика големо внимание во македонската јавност, особено по информацијата дека меѓу жртвите се и две деца.
