Најмалку 37 лица починаа во ужасни услови во нигерискиот град Мина, откако повеќе од 50 притвореници беа натрупани во мала затворска ќелија без вода и соодветна вентилација, на екстремно високи температури.
Трагедијата, која предизвика масовни протести и јавен бес во државата Нигер, се случи во притворен центар управуван од Нигерискиот корпус за безбедност и цивилна одбрана (NSCDC). Помеѓу 50 и 60 локални рудари беа збиени во мала просторија.
Преживеаните ги опишуваат нехуманите услови во кои поминале повеќе од 24 часа. На надворешна температура од над 25 степени Целзиусови, влажноста на воздухот во ќелијата надминувала 90 проценти, што го оневозможило телото природно да се олади и довело до масивен топлотен удар и дехидрација.
„Никогаш во животот не сум почувствувал таква топлина. Кога се допревме, се чувствуваше како оган. Еден од нас се онесвести и почнавме да чукаме на вратата барајќи вода. Чуварот само погледна и повторно ја заклучи вратата. Потоа луѓето почнаа да умираат еден по еден“, изјави преживеаниот Усман Мухамед за Би-Би-Си.

Како што минуваа часовите, очајните притвореници, борејќи се за своите животи, почнаа да ја пијат сопствената урина и да собираат пот од своите тела за да се одржат хидрирани.
„Викавме и им кажувавме дека луѓето умираат. Во еден момент, еден обезбедувач дојде на вратата, и кога му кажавме дека луѓето умираат, тој рече дека тоа не е негов проблем“, сведочеше друг преживеан, Адаму Исах.
Откако вратата конечно беше отворена во четврток наутро, стражарите беа пречекани од ужасни сцени на безживотни тела натрупани во ќелијата.
Уапсените притвореници биле локални рудари кои барале скапоцени метали, кои властите ги обвинуваат за нелегална работа. По масовната смрт, федералните власти првично се обиделе да ја оправдаат со трагикомичното тврдење дека во ќелијата избувнала епидемија на дифтерија, што предизвикало гнев кај семејствата и напади врз јавни објекти.
По притисок од јавноста, 24 членови на NSCDC, вклучувајќи го и суспендираниот локален командант Суберу Анивије, беа приведени и се под истрага.
„Ова не беа муви, ова беа луѓе. Како може ова да помине неказнето?“, рече гувернерот на државата Нигер, Умару Баго.
Федералниот министер за внатрешни работи, Олубунми Тунџи-Оџо, формираше комисија од десет члена која има две недели да ја заврши истрагата, со ветување дека никој, без оглед на позицијата или рангот, нема да биде заштитен од кривично гонење.
