back to top
14.8 C
Skopje
четврток, 8 октомври , 2026

Уште еден автомобилски гигант во проблеми: Отпуштаат 4.000 работни места

Други наслови

Британскиот производител на луксузни автомобили „Јагуар Ленд Ровер“ (JLR) денес објави дека планира да отпушти околу 4.000 работни места низ целиот свет во текот на следните две години, како дел од поопфатен план за намалување на трошоците и подобрување на конкурентноста.

Компанијата, која е во сопственост на индиската „Тата моторс“, очекува програмата за намалување на бројот на работници, која ќе се спроведува преку доброволно заминување на вработените, ќе придонесе за заштеда од околу 1,7 милијарди фунти (1,98 милијарди евра), а истовремено ќе го намали прагот на профитабилност на производството на 300.000 возила, објави „Ројтерс“. 

JLR вработува околу 43.000 луѓе ширум светот, вклучувајќи околу 34.000 во Велика Британија, но компанијата не прецизираше каде ќе се случат намалувањата. 

Планот е дел од напорите на производителот на автомобили да одговори на зголемените притисоци во автомобилската индустрија, вклучувајќи ја конкуренцијата од кинеските производители, царините, вишокот производствен капацитет и забрзувањето на технолошките промени. 

Во исто време, компанијата се соочува со последиците од сајбер нападот што сериозно ги наруши производството и синџирите на снабдување минатата година, како и со послабата побарувачка на одредени пазари.

И покрај најавеното намалување на бројот на вработени, „Јагуар Ленд Ровер“ планира да инвестира помеѓу 15 и 18 милијарди фунти (помеѓу 17,46 и 20,92 милијарди евра) во следните пет години во електрификација, дигитални технологии, напредно производство и подобрување на корисничкото искуство.

Компанијата, исто така, најави лансирање на пет нови производи во текот на следните 12 месеци. 

Најавата за отпуштањата е уште еден удар за британската автомобилска индустрија, во време кога производителите се соочуваат со високи трошоци, промени на пазарот на електрични возила и сè посилна конкуренција од кинеските компании. 

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести