Одличниот напаѓач на Манчестер Сити, Фил Фоден, е жртва на болна измама на интернет во која бројни анонимни страници пишуваат скандалозни работи за неговото семејство.
Фоден одеднаш стана жртва на вознемирувачки лажни извештаи за неговите деца. Во последните недели, вестите се проширија дека неговиот шестгодишен син Рони починал и дека неговата ќерка Тру боледува од рак.
Не станува збор за една страница, туку за низа различни анонимни профили на Фејсбук кои станаа вирални. Благодарение на оваа монструозна измама, тие се лансираа меѓу попопуларните.
Лажните објави за семејството на Фоден донесоа десетици илјади лајкови, коментари и интеракции на објавите, а со помош на вештачка интелигенција беа создадени слики од Фоден и неговата партнерка Ребека Кук како плачат додека тагуваат за децата.
Поради овие објави, неговата партнерка Ребека изјави дека семејството контактирало со правен тим и ќе започне со сите можни процеси за да се заштити себеси и семејството.
Ребека додаде дека објавите длабоко ја вознемириле, особено затоа што во нив се вклучени деца.
„Загрижени сме за страниците и профилите што ги шират овие приказни. Тие се целосно лажни и вознемирувачки за нас. Не разбирам како луѓето можат да измислуваат такви работи за некого, особено за децата. Тоа е одвратно“, напиша Ребека на Инстаграм.
За среќа, децата на Фоден се добро, а фудбалерот на Сити ги продолжува своите обврски за својот клуб утре, бидејќи се очекува да се соочи со Борнмут во англиската Премиер лига.
