Адолф Хитлер требало да ги однесе своите најинтимни тајни во гроб.
По неговото самоубиство во бункер во Берлин во април 1945 година, неговите соработници ги следеле неговите последни наредби: неговото тело требало да биде запалено за да не може непријателот да стигне до него.
Го полеале со бензин и го запалиле.
Но, она што Фирерот не можел да го предвиди било откривањето на структурата на ДНК осум години подоцна и упорноста на експертот за форензичка генетика, професор Турија Кинг, и тимот на британскиот Канал 4, кои, речиси осум децении подоцна, го претставуваат дводелниот „ексклузивен светски“ документарец „ДНК на Хитлер: Планот на диктаторот“, пишува британскиот Дејли Телеграф.

Од ДНК е можно да се пресметаат полигени резултати, односно да се проценат генетските маркери на една личност и да се споредат со голем примерок од популацијата со цел да се процени генетската предиспозиција за одредени состојби, пишуваат британските медиуми.
Највпечатливиот резултат, според истражувањето, е дека Хитлер имал мутација во дел од неговата ДНК што силно влијае на протеин клучен за развојот на половите органи.
Медицински картон од 1923 година
Кинг, која е родена во Канада, вели дека живеејќи во Велика Британија, за неа било невозможно да го избегне старото воено пропагандно исмејување „Хитлер има само еден тестис“.
Имено, во 2015 година е пронајден медицински картон од 1923 година во кој е наведено дека Хитлер имал неспуштен десен тестис.
ДНК анализата сега му дава тежина на тоа тврдење, бидејќи мутацијата во генот PROK2 е силно поврзана со Калмановиот синдром, нарушување кое може да предизвика еден или двата тестиси да не се спуштаат нормално.
Калмановиот синдром е исто така поврзан со пониски нивоа на тестостерон, намален сексуален нагон и, во некои случаи, микропенис.
Документарецот во голема мера се занимава со опсесијата на Хитлер со својот полувнук и дискусиите за „траги од сексуална активност“ или нивно целосно отсуство на неговите чаршафи.
Друг полигенски резултат покажува дека генетската склоност на Хитлер кон антисоцијално однесување, односно мерките за психопатски тенденции, е во првите десет проценти од населението.
Дијагнозата на Хитлер
Различни истражувачи со години се обидуваат да му дадат на Хитлер психијатриска дијагноза.
Ирскиот психијатар, професор Мајкл Фицџералд, вели дека дури и пред 20 години бил „апсолутно убеден дека Хитлер имал цела низа невроразвојни нарушувања“.
Резултатот од ADHD на Хитлер бил „над просекот“, како и неговиот резултат од аутизмот.
Ова е потврдено со документи како што се училишните извештаи, тврди Фицџералд.
– Многу е зачудувачки колку трауматично било детството на Хитлер – вели Кеј, автор на книгата „Империја на уништување: Историјата на нацистичкото масовно убиство“: „Тој ги изгубил четири од своите пет браќа и сестри и двајцата родители пред да наполни 18 години. Мислам дека овие настани биле исто толку клучни во обликувањето на Хитлер како личност колку и неговата генетика.“
Но, документарецот шпекулира и за тврдења кон кои, на пример, Тури Кинг е многу претпазлива.
Една од нив се однесува на извесна Алојзија Вејт, наводно втора братучетка на Хитлер, која била испратена во гасни комори откако ѝ била дијагностицирана шизофренија.
„Ова би можело да има импликации и за разбирање на менталната состојба на Хитлер“, вели нараторот, „бидејќи шизофренијата е наследна“.
Но, треба да се напомене дека речиси секое семејно стебло може да открие далечен роднина со ментална болест – што не значи речиси ништо за генетскиот ризик кај блиските потомци.
