Десетици студенти со незавршени студии од прв циклус се нелегално запишани на магистерски и докторски студии на Филозофскиот факултет. Скандалот го откри Државниот инспекторат за образование, кој издаде решенија за откажување на уписите поради неисполнување на законските услови, што го потврди и министерката за образование, Весна Јаневска.
„На Филозофскиот факултет се констатирани неправилности, но не при упис на студии од прв циклус, туку при упис на постдипломски студии, втор и трет циклус студии. Државниот инспекторат за образование постапи, извлече заклучоци и го информираше факултетот. Факултетот мора да постапи. Според она што го знам, постапува. И конечно, чекам конечен извештај, откако ќе помине рокот за постапување, за да можам и јас како министер овластен во оваа област да донесам конечна одлука“, рече Весна Јаневска.
Деканот на Филозофскиот факултет, Оливер Бакрески, вели дека контролата на Инспекторатот ја побарал самиот факултет и дека постапиле според донесените одлуки. Тој објаснува дека станува збор за студенти со тригодишни стручни студии и едногодишни магистерски студии, нагласувајќи дека вкупно има од 7 до 8 студенти. Според него, платените пари ќе им бидат вратени на студентите. Тој додава дека слични случаи имало и на други факултети, но нагласува дека институциите мора да постапуваат според законот.
„За жал, бевме принудени да ги одјавиме овие студенти. Што се однесува до тврдењата дека факултетот не вратил информации или не ги вратил средствата, тоа не е точно. Сите налози за плаќање се подготвени и парите ќе им бидат вратени на студентите во текот на денот или утре“, рече Оливер Бакрески.
Студентите го изгубија својот академски статус и останаа без правото на студирање, а се соочија и со финансиски загуби. Цената на магистерските студии се движи од 2.000 до 3.000 евра, додека докторатот од 5.000 до 6.000 евра. Некои студенти ангажираа адвокати и се заканија со правни дејствија.
