Двата распродадени концерти што американскиот рапер Канје Вест, кој сега настапува под името Је, требаше да ги одржи во Санкт Петербург беа официјално откажани по неколку недели конфузија и јавен притисок, потврдија организаторите.
Раперот требаше да настапи на 10 и 11 октомври во Гаспром Арената. Сепак, московската агенција „Say Agency“ објави на Телеграм дека спектаклите нема да се одржат според закажаното.
„Пријатели, со искрено жалење ве известуваме дека концертите не можат да се одржат. Во блиска иднина ќе ве контактираме со официјална изјава во врска со статусот на проектот и идните планови“, изјавија организаторите, додавајќи дека процесот на враќање на купените билети ќе започне во понеделник, 12 октомври.
Статусот на концертите беше под знак прашалник со недели. Иако билетите беа распродадени во рекордно време, раководството на „Газпром Арена“ одеднаш во август објави дека договорот за закуп на стадионот со организаторите воопшто не е потпишан и дека добиле бројни поплаки од граѓани.
Покрај организациските проблеми, откажувањето беше одлучено и поради острите реакции на руските претставници. Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, ги нарече планираните концерти неприфатливи поради претходното глорифицирање на Адолф Хитлер од страна на раперот.
Во исто време, рускиот политичар Николај Новичков побара истрага против музичарот, велејќи дека концертите треба да бидат забранети освен ако Је јавно не даде „морална поддршка на Русија и специјалната воена операција“.
Вест предизвика глобален скандал откако продаде маички со свастики и ја издаде песната „Хајл Хитлер“. Подоцна се извини на јавноста преку реклама во „Волстрит џурнал“, тврдејќи дека неговото однесување е резултат на тешка манична епизода предизвикана од биполарно растројство.
Планираното пристигнување на американската ѕвезда во Русија привлече внимание и поради кршењето на неформалниот културен бојкот на Русија по инвазијата на Украина во 2022 година.
Русија не е единствената земја каде што Је се соочи со блокади. Овие откажани концерти доаѓаат откако неговите концерти во Велика Британија и Франција беа откажани поради проблеми со визите и притисок од јавноста, додека во јули градскиот префект во Реџо Емилија, Италија, го прекина неговиот концерт на барање на локалната еврејска заедница.
И покрај бројните контроверзии, Вест продолжува да настапува во поддршка на својот 12-ти соло албум „Bully“, објавен во март. Пред откажувањето во Русија, тој одржа големи концерти во САД, Турција, Холандија, Грузија, Албанија, Португалија и Казахстан.
