Шокантни сцени на Ролан Гарос го одбележаа четвртокот во Париз. Првиот фаворит на турнирот, Јаник Синер, веќе беше елиминиран во второто коло по нереалниот пресврт на 56-от играч во светот, Хуан Мануел Черундоло. Италијанецот имаше сè во свои раце – водеше со 2:0 во сетови и имаше неверојатни 5:1 во третиот сет, а потоа целосно остана без сила. Во жештината на Париз, 24-годишниот Синер „остана без гориво“ и го загуби мечот со резултат 6:3, 6:2, 5:7, 1:6, 1:6.
Токму овој колапс на младиот Италијанец му послужи на легендарниот Џон Мекинро како повод уште еднаш да ја истакне неверојатната долговечност и професионализам на најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ.
Мекенро, анализирајќи ја ситуацијата за „ТНТ Спортс“, беше изненаден од фактот дека Новак во доцните играчки години (39) одржува ниво на интензитет кое е недостижно за речиси двојно помлади ривали.
Мислам дека нивото на Ѓоковиќ е неверојатно високо. Објаснете ми како овој човек успева да го прави ова додека речиси и да не игра турнири помеѓу Гренд слем турнирите? Излезе на теренот како да не промашил ниту еден шут – изјави седумкратниот шампион на ГС.
Американецот е фасциниран од начинот на кој српскиот ас ги избира своите битки и ја штеди енергијата за најважните работи.
– Знам дека веќе не се грижи премногу за другите турнири, но некако чувствува дека треба да игра барем на некои од нив. Нему тоа не му е потребно. Тој му пркоси на времето – јасен е Мекенро.

По елиминацијата на Синер, патот до финалето е дополнително отворен, а Мекенро нема дилема кој ќе слави во следниот натпревар на Новак против 19-годишната сензација од Бразил, Жоао Фонсека.
– Се обложувам на победата на Ѓоковиќ. За Фонсека, ова е еден од најголемите моменти во неговата кариера, ова ќе го отвори целосно. Тој има огромни очекувања и ова е одличен резултат за него, но Новак е Новак – заклучи познатиот Мекенро.
