Со новиот ребаланс на буџетот, државата ќе потроши 179 милиони евра повеќе од првично планираното. Според властите, фокусот бил ставен на капитални инвестиции и инфраструктурни проекти.
Вкупните приходи се ревидираат од 374,9 на 379,2 милијарди денари, додека расходите се зголемуваат на 425,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит се зголемува од 39,2 на 46,1 милијарди денари, но останува на ниво од 4,1 процент од Бруто домашниот производ. Поголемиот дел од дополнителните средства ќе одат за капитални расходи, кои се зголемуваат за 5,8 милијарди денари и достигнуваат 46 милијарди денари.
Министерството за животна средина и просторно планирање со дополнителни 2,3 милијарди денари, главно за водоснабдување, санитација и еколошка инфраструктура, и Министерството за транспорт со околу 1,4 милијарди денари, се ресорите кои имаат најголема корист.
Дополнителните средства ќе бидат инвестирани во изградба на Коридорите 8 и 10, автопатот Скопјe-Блаце, железничката пруга Коридор 8, системи за водоснабдување и санитација, постројки за пречистување на вода, проекти за енергетска ефикасност, како и во изградба и реконструкција на образовни објекти, студентски домови и инфраструктура во руралните средини.
Дополнителни 426 милиони денари се обезбедени и за Министерството за образование, додека дополнителни средства ќе бидат достапни и за здравство, Комисијата за хартии од вредност, субвенции во земјоделството, студентски и ученички стандард, спорт и социјална заштита.
Финансирањето на буџетскиот дефицит и обврските за отплата на долгот, во вкупен износ од 76,4 милијарди денари, ќе се обезбеди преку домашно и надворешно задолжување. Од овој износ, над 54 милијарди денари се наменети за сервисирање на обврските кон странските кредитори, додека околу 20 милијарди денари се планирани за отплата на внатрешниот долг.
