Премиерот Христијан Мицкоски, кој учествува на самитот на Европската унија и Западен Балкан во Тиват, денес се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
„Пријателска и срдечна средба со францускиот претседател Емануел Макрон. Разговаравме за регионот, важни прашања за иднината на нашите граѓани и европските перспективи, теми на кои работиме долго време. Франција е една од највлијателните земји во Европа, затоа е важно да разговараме отворено, директно и со јасно изразени очекувања. Нашата цел е да градиме пријателство, да отвораме врати и да понудиме поголемо разбирање и поддршка. Продолжуваме да одиме напред со посветеност и јасна цел“, напиша Мицкоски на Фејсбук по средбата со Макрон.
Со германскиот канцелар Мерц, рече тој, размениле мислења за европските перспективи на регионот, предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан и важноста од продлабочување на европската соработка и интеграција.
„Ваквите средби претставуваат можност за градење нови партнерства и зајакнување на врските што се важни за иднината на нашиот регион“, рече Мицкоски.
На самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржува во Тиват под мотото „Заеднички просперитет и стабилност на Европската унија и Западен Балкан“, главна тема ќе биде проширувањето на Унијата.
