Група руски новинари собрани во колективот „Проект“ објавија дека рускиот претседател Владимир Путин има внука која ја крие од јавноста, дете на неговата ќерка Катерина Тихонова и балетскиот танчер Игор Зеленски.
Според новинарите, кои претходно беа цел на руските власти, па дури и прогласени за „странски агенти“, внуката на Путин се вика Елса Игоревна Тихонова.
Иако го зела презимето од ќерката на Путин, за која тврдат дека зела лажно презиме за да не се поврзува со рускиот лидер, целосното име останало „Игоревна“, што е таканареченото „патронимско“ име што детето го добива од таткото.
Членовите на семејството на Путин често користат различни, честопати лажни презимиња, а новинарите наведуваат дека ова е експлицитно барање на рускиот претседател, кој сака тие да не бидат во фокусот на јавноста.
Руските новинари ги добија податоците истражувајќи ја базата на податоци на руската гранична служба која неодамна беше објавена во јавноста.
Во тоа истражување, тие пронашле информации дека Елса Игоревна Тихонова патувала во неколку наврати со голем број луѓе за кои се претпоставува дека се нејзини дадилки. Првото патување е забележано уште во 2019 година, кога го посетила својот татко, кој работел во Минхен.
Второто патување е снимено во 2021 година, кога семејството патувало во Хрватска. Во авионот бил и Кирил Дмитриев, еден од најблиските соработници на Владимир Путин.
Новинарите од групацијата „Проект“ најавија дека во наредните денови ќе презентираат повеќе резултати од истражувањето на протечените документи, а фокусот ќе биде ставен на семејството и соработниците на Путин.
