Откако премиерот Христијан Мицкоски попладнево отпатува за Будимпешта, каде што се сретна со својот унгарски колега Виктор Орбан, реагираше Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
„Додека политичката сцена во Унгарија се менува, а поддршката за Виктор Орбан драматично опаѓа, Христијан Мицкоски останува закана со своите политики на изолација, корупција и работење за интересите на другите. Орбан, кој веќе беше исвиркуван од неговите поддржувачи на митинзите, е симбол на политика што Европската Унија повеќе не ја толерира. Коруптивна политика што им служи на бизнисот и руските интереси, наместо на европските вредности и иднината на граѓаните“, велат од опозициската партија.
„Додека граѓаните на Унгарија го избираат европскиот пат, Мицкоски ја турка Македонија во спротивна насока – кон изолација, несигурност и регресија што сака да трае со децении. Мицкоски ги распродава македонските национални интереси, а денес отиде кај Орбан да преговара за враќањето на Никола Груевски. Кои други договори се склучуваат зад затворени врати? Што ќе се случи со 40% од медиумите во Македонија кога Орбан ќе падне, кои се контролирани од ВМРО? Што ќе се случи со бизнисите на Орбан во Македонија, во енергетиката и телекомуникациите?“, прашуваат од СДСМ.
