Американската војска соопшти дека меѓународно признатите водни патишта низ Ормутскиот теснец се исчистени од ирански морски мини, додека Доналд Трамп рече дека преминот е отворен.
Во изјава за „Аксиос“, американскиот претседател Доналд Трамп зборуваше за ситуацијата во Ормутскиот теснец и рече: „Тоа нешто е отворено“.
„Иранскиот одговор е многу благ. Тие не сакаат да возвратиме. Тоа е целата поента. Останатото не е важно“, рече Трамп.
Во текот на ноќта, се огласи и командантот на Централната команда на САД, Бред Купер, кој во соопштението наведе дека „меѓународно признатите водни патишта во теснецот се ослободени од ирански морски мини“, оценувајќи го тоа како голема пресвртница.
„Аксиос“, повикувајќи се на американски официјални лица, наведува дека помеѓу 20 и 30 танкери минуваат низ теснецот секоја вечер, што е приближно половина од обемот регистриран пред војната.
Американски функционер изјави за медиумот дека Иран погодил околу два проценти од бродовите што минуваат низ теснецот во изминатиот месец, но дека Исламската Република продолжува да се обидува да напаѓа бродови, речиси секогаш без успех.
Според прелиминарните податоци за бродскиот сообраќај што ги објави Ројтерс, вчера низ Ормускиот теснец поминале седум товарни бродови со стока, додека претходниот ден имало 17.
Тој број е под десетдневниот просек од 15, иако агенцијата забележува дека податоците може да се променат бидејќи некои бродови ги исклучуваат своите транспондери за време на навигацијата.
