Пет лица, меѓу кои и две деца, се пронајдени живи откако нивниот брод од Микронезија пловел околу три месеци во Пацификот, патувајќи околу 5.400 километри до оддалечен остров во Кирибати.
Тие беа дел од група од девет лица кои тргнаа на рутинско едночасовно патување со брод помеѓу островите Мурило и Руо во Федералните држави Микронезија на 30 јули, објави австралиската телевизија ABC. Тие беа зафатени од бура по патот.
Крајбрежната стража на САД во Микронезија го прекина пребарувањето на 9 август. Во текот на десет дена, со помош на авиони на морнарицата и воздухопловните сили на САД, пребаруваше 25.000 наутички милји.
Мештаните на островот Фанинг на Кирибати во неделата забележале брод што плови и спасиле пет лица на него. Пратеникот на областа, Каотитаке Ракороа, рекол дека ги примиле и за нив се грижи локален црковен свештеник.
Ракороа рече дека веста за спасувањето му ја соопштила во главниот град Тарава полицијата од островот Киритимати, најблискиот урбан центар.
„Групата веќе е прегледана од нашите здравствени работници на островот“, рече тој. Препорача што поскоро да летаат до Киритимати за понатамошен третман.
Преживеаните сè уште не проговориле јавно за нивното тешко искушение и побарале да се почитува нивната приватност. Членови на семејствата во Микронезија изјавија за ABC дека се во контакт со некои од нив.
Гувернерот на државата Чук, Александар Нарун, му се заблагодари на Бога во неделата вечерта за нивниот опстанок.
„На бродот што исчезна имаше девет лица. Му благодариме на Бога за неговата љубов и милост што пет од деветте лица беа пронајдени. Продолжуваме да се молиме за нивните четири придружници“, рече тој.
Што се случи со другите четворица не е познато. Гувернерот го замоли претседателот на Микронезија да започне дипломатски разговори со владата на Кирибати за да можат преживеаните да се вратат дома.
Ова е најновото во серијата спасувања во водите на Кирибати. Минатата недела, 18-годишниот Лука Рахан од Бугенвил, Папуа Нова Гвинеја, беше спасен помеѓу островите Тарава и Мајана по 41 ден пловење на море. Неговиот братучед почина.
Двајцата тргнале на риболов во северниот дел на Бугенвил во септември, но моторот им откажал и тие пловеле повеќе од 2.000 километри до Кирибати.
Минатиот месец, уште тројца жители на Бугенвил се вратија дома откако беа пловеле на море околу 70 дена. Тие беа пронајдени во близина на островот Киритимати.
