„Убедена сум дека повеќе нема да го имаме овој проблем, а универзитетот и факултетите ќе имаат електрична енергија“, изјави министерката за образование Весна Јаневска.
Таа за „Локално“ изјави дека се обезбедени средства за сервисирање на долговите за струја на високообразовните институции. Министерството за образование објаснува дека плаќањето на сметките е одложено поради ребаланс на буџетот.
„На Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ има струја. Точно е дека има долгови за струја и вчера ребалансот на буџетот беше објавен во Службен весник. Ние редовно ги сервисираме тие долгови и убедена сум дека нема да го имаме овој проблем“, рече Јаневска.
На прашањето дали мисли на тоа дека факултетите на УКИМ нема повторно да се соочат со проблемот на прекини на електричната енергија утре или во понеделник, Јаневска рече дефинитивно да.
Според информации објавени вчера во неколку медиуми, ЕВН го исклучила снабдувањето со електрична енергија на Машинскиот, Електротехничкиот, Природно-математичкиот и Земјоделскиот факултет, како и на зградата на Ректоратот, поради неплатени долгови.
