Пократките денови и постудените вечери значат повеќе време поминато во затворен простор, што е погодно за ширење на зимските вируси. Во такви услови, имунолошкиот систем е нашата главна линија на одбрана од инфекции, пишува The Independent Иако сите сме родени со имунолошки систем, нашите секојдневни навики во животот одредуваат колку тој всушност ќе биде ефикасен.
„Имунолошкиот систем е воспоставен пред да се родиме“, објаснува д-р Анураг Барадвај, лекар во болницата „Нафилд Брентвуд“.
„Важно е да се одржуваат здрави навики што го поддржуваат и да не се претерано стимулира додека не стане хиперактивен. Преактивниот имунолошки систем е подеднакво лош како и неактивниот. Ако системот стане претерано стимулиран, тој почнува да предизвикува проблеми. Целта, тогаш, е да се управува со имунитетот на соодветен, ефикасен и добро регулиран начин.“
Д-р Лук Поулс објаснува дека имунолошкиот систем е природна одбрана на телото од болести. Тој нè штити од секојдневните инфекции, помага во отстранувањето на оштетените клетки и го забрзува заздравувањето и закрепнувањето од болест или повреда.
„Иако не можеме да избегнеме секоја настинка или грип во текот на зимата, грижата за нашиот имунолошки систем е исклучително важен дел од нашето целокупно здравје“, истакнува д-р Поулс.
Подолу, лекарите ги објаснуваат најдобрите начини за поддршка на имунолошкиот систем во текот на зимските месеци.
Обезбедете доволно квалитетен сон
И двајцата лекари нагласуваат дека спиењето е еден од најважните фактори за здрав имунолошки систем.
„Додека спиете, вашето тело работи напорно за да се поправи и да се бори против инфекции и воспаленија“, објаснува д-р Поулс.
„Недостатокот на сон може да ја намали способноста на телото ефикасно да реагира на вируси и бактерии“.
Д-р Барадвај додава: „Спиеме сè помалку и помалку поради нашиот зафатен животен стил, анксиозност, замор и обврски. Имунолошкиот систем реагира многу добро на квалитетен сон, па затоа секој треба да се стреми кон седум до девет часа одмор, особено во зима. Избегнувајте цигари, кафе или паметни уреди доцна навечер. Периодот од 23 часот до 7 часот наутро е најдобро време за квалитетен сон.“
Јадете здрава и балансирана исхрана
На имунолошкиот систем му се потребни различни хранливи материи за правилно функционирање. Д-р Поулс вели дека јадењето многу овошје, зеленчук, интегрални житарки, посни протеини и здрави масти обезбедува есенцијални витамини и минерали, вклучувајќи витамини А, Ц, Д и цинк.
„Разновидна исхрана, исто така, му помага на цревниот микробиом, кој сè повеќе се препознава како важен дел од одбранбениот систем на телото“, истакнува тој.
Надоместете ги недостатоците на витамини и минерали
Д-р Барадвај забележува дека ако ви недостасува витамин Д, витамин Б12 или железо, треба да ги надополните тие резерви.
„Сепак, земањето дополнителни количини нема драматично да го зајакне вашиот имунитет – додатоците во исхраната треба само да ги пополнат празнините“, вели тој.
,,Квалитетната исхрана со зеленчук, овошје и мешунки, а воедно да се избегнат недостатоци, е одлична за одржување на здрав имунолошки систем.“
Луѓето на кои им недостасува одреден витамин или минерал честопати веќе имаат симптоми како анемија и замор. Во такви случаи, лекарот ќе ви ја тестира крвта за да ја пронајде причината.
„Ако сте бледи, чувствувате отежнато дишење, сте уморни или имате други симптоми, треба да се консултирате со лекар“, нагласува Барадвај.

Движете се повеќе.
Редовното, умерено вежбање е одлично за зајакнување на имунолошкиот систем и намалување на ризикот од инфекција, вели д-р Барадвај. Разумна цел е да се прави брза прошетка или некоја форма на аеробни вежби повеќето денови од неделата. Тој исто така предлага тренинг за сила два до три пати неделно, но не претерувајте.
„Не форсирајте, но малку тренинг со отпор и аеробни вежби ќе го одржат системот во функција. Клучот е во регуларноста, а не интензитетот. Ако некој вежба екстремно напорно три или четири дена, а потоа целосно престане, тоа нема никаква смисла.“
Д-р Паулс додава дека вежбањето помага во имунитетот со подобрување на циркулацијата, што им овозможува на имуните клетки поефикасно да се движат низ телото.
„Физичката активност носи и пошироки придобивки, како што се подобро кардиоваскуларно здравје, подобро расположение и намалено воспаление“, вели тој.
Контролирајте го нивото на стрес
Повремениот стрес е нормален дел од животот, но долгорочниот стрес може негативно да влијае на вашиот имунолошки систем, предупредува д-р Поулс.
„Кога нивото на стрес е покачено подолго време, способноста на вашето тело да се бори против инфекциите се намалува. Наоѓањето здрави начини за справување со стресот, како што се вежбање и поминување време на отворено, може да биде многу корисно.“

Редовно проветрувајте ги просториите
Д-р Барадвај забележува дека за време на студените зими, многу луѓе остануваат во затворен простор со затворени прозорци, што резултира со слаба циркулација на воздухот. Ова е особено ризично ако во куќата има луѓе кои веќе имаат инфекција.
„Тогаш станувате поподложни на инфекции. Затоа, отворајте ги прозорците секој ден за да циркулира воздухот. Одржувајте го просторот чист и проветрен, а ако некој е болен, изолирајте се и користете маска. Добриот квалитет на воздухот во затворен простор е многу поважен од престојот во преполни, загушливи простории.“
