Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, попладнево ќе ја посети земјава, каде што ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски.
Владината прес-служба информира дека премиерот Мицкоски ќе има средба еден на еден со Коста, по што ќе следи средба меѓу владината делегација и делегацијата предводена од претседателот на Европскиот совет. Потоа Мицкоски и Коста ќе одржат заедничка прес-конференција во Владата.
Претседателот на Европскиот совет од вчера започна посети на Западен Балкан, за да се сретне со лидерите од регионот и да биде копретседател на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват, Црна Гора на 5 јуни.
Претседателот Коста ќе разговара за можностите и предизвиците поврзани со проширувањето, постепената интеграција, регионалната соработка, безбедноста и стабилноста.
„Мојата втора турнеја низ Западен Балкан испраќа јасен сигнал: посветеноста на ЕУ кон регионот е реална; исто толку реална колку и можноста за проширување. Моментот е тука. Сега е време да се испорачаат резултати“, рече Коста пред неговата посета на регионот.
