Откако Соединетите Американски Држави објавија дека ги прекинуваат воените активности во Ормутскиот теснец, се огласи и Техеран.
Според соопштението издадено од Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ), Ормускиот теснец ќе биде отворен за сите бродови ако престанат заканите од Америка и нејзините сојузници.
„Со прекин на заканите од агресорите и во светлината на новите процедури, ќе се обезбеди можноста за транзит низ теснецот“, изјавија тие.
Во соопштението на Гардата не е наведено што опфаќаат новите процедури. Тие, исто така, им се заблагодарија на сопствениците и капетаните на бродовите за почитувањето на иранските прописи при движење по тој воден пат.
Најновите информации покажуваат дека Иран и САД се блиску до постигнување договор што треба да доведе до крај на војната.
Според достапните информации, се разгледува и поширок рамковен договор од 14 точки, кој би вклучувал суспензија на збогатувањето ураниум за период од најмалку 12 години, ублажување на санкциите на САД, ослободување на замрзнати средства и повторно отворање на клучните поморски патишта.
