Токсичните врски не само што ја еродираат самодовербата и довербата, туку можат да остават и физички последици врз мозокот, предупредува клиничката психологка Сузан Спајсер, која вели дека 95 проценти од нејзините пациенти се жртви на нарцисоидна злоупотреба.
Спајсер е невропсихолог и трауматски терапевт. Таа објасни за „Њујорк пост“ дека нарцисоидното растројство на личноста не е исто што и секојдневната употреба на зборот нарцис за личност полна со себе. Тоа е клиничка состојба во која лицето има зголемено чувство на самоважност и постојана потреба за внимание и валидација. Се карактеризира со гаслајтинг, манипулација, префрлање на вината и избегнување на одговорност.
Според неа, овој вид злоупотреба влијае на четири дела од мозокот: хипокампусот, амигдалата, префронталниот кортекс и периакведукталната сива материја.
Хипокампусот е чувствителен на хормонот на стрес кортизол и може да се намали. Истражувањата покажуваат дека долготрајниот стрес всушност ја намалува оваа структура. Хипокампусот игра клучна улога во претворањето на краткорочните сеќавања во долгорочни, па ова може да објасни зошто многу жртви имаат тешкотии да ги запомнат деталите од злоупотребата.
Амигдалата, центарот на стравот што го активира одговорот „бори се или бегај“, од друга страна, може да биде зголемена.
„Корисно е кога сте во непосредна опасност, помагајќи ви да избегате од мечка. Не е корисно кога е постојано стимулирано, како кога стоите во ред во продавницата и вашата амигдала е хиперактивна“, вели Спајсер.
Затоа жртвите честопати постојано бараат закани околу себе, се чувствителни на гласни звуци и премногу ги анализираат изразите на лицето на другите луѓе. Преактивната амигдала, исто така, ја намалува активноста на префронталниот кортекс, кој е одговорен за рационално размислување, донесување одлуки и социјално однесување. Затоа жртвите имаат тешкотии со концентрацијата, функционирањето и донесувањето одлуки по конфликт со нарцис. Перијаквадукталната сива материја е поврзана со обработка на закани и останува активна сè додека лицето не ја обработи траумата.
„Нè претвора во обезбедување на аеродроми. Секој е терорист додека не се докаже спротивното“, сликовито објаснува Спајсер.
Доколку злоупотребата продолжи доволно долго, стресот може да доведе до комплексно посттрауматско стресно растројство (CPTSD). Можни физички симптоми вклучуваат: проблеми со спиењето и кошмари, забрзано чукање на срцето, стегање во градите, вртоглавица и поголем ризик од висок крвен притисок и срцеви заболувања, потење и отежнато дишење,
болки во зглобовите, главоболки и мускулна напнатост, гадење, лошо варење и болки во стомакот.
Благодарение на невропластичноста, промените во мозокот предизвикани од овој вид злоупотреба се целосно реверзибилни. Прекинувањето на злоупотребата и користењето техники за регулирање на нервниот систем може да ја намали зголемената амигдала и да му помогне на хипокампусот да се опорави.
