Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција ќе ѝ дозволи на Украина да произведува француски крстосувачки ракети, прецизни наведувани бомби и пресретнувачки ракети за воздушна одбрана.
Киев претходно нарача нови француско-италијански системи за воздушна одбрана и борбени авиони „Рафал“.
„Порано денес, претседателот (Володимир) Зеленски и јас се согласивме за мапа на патот меѓу нашите две земји, спроведувајќи го она што беше договорено во принцип минатиот ноември во врска со нашата билатерална одбранбена соработка“, изјави Макрон на прес-конференција по состанокот на околу 25 лидери во Париз, објави Ројтерс.
Производството ќе вклучува прецизно водени бомби воздух-земја AASM, ракети пресретнувачи за воздушна одбрана Aster и крстосувачки ракети со долг дострел SCALP, кои исто така ги произведува Обединетото Кралство.
Макрон, исто така, рече дека на Украина ќе ѝ бидат обезбедени радарски системи. Тој рече дека Зеленски, исто така, нарачал испорака на нови системи за воздушна одбрана SAMP/T, кои ќе следат по испораките на постара верзија на системот и дополнителни ракети.
Макрон изјави дека Украина ќе добие и 16 борбени авиони „Рафал“, кои треба да бидат оперативни во украинскиот воздушен простор до 2028-2029 година. Макрон, исто така, објави дека сојузниците на Украина се согласиле да започнат воени вежби во земјите што граничат со Украина, како дел од планот за формирање мултинационални сили што би биле распоредени по постигнувањето прекин на огнот со Русија.
