Во завршните зборови на судската седница за тројцата полицајци обвинети за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, обвинителството побара од Судот да донесе пресуда за виновен, додека одбраната смета дека нивната вина не е докажана во текот на судската постапка.
Обвинителката Спасенка Андонова нагласи дека се изнесени бројни докази, според кои јасно може да се види какви пропусти направиле обвинетите кои го спроведоа претресот во дискотеката „Пулс“.
„Суштината на завршниот збор беше токму да се нагласат нивните пропусти како полицајци, кои придонеле за остварување на одредена корист, односно, согласно законот, одредена корист за правното лице, што воопшто не било евидентирано во записникот со кој е извршен увидот“, изјави Спасенка Андонова, обвинителка.
Адвокатите на обвинетите сметаат дека полицајците постапиле во согласност со планот за дејствување и дополнителниот план, затоа постапиле според законот и треба да бидат ослободени од обвиненијата.
„Оценуваме дека обвинителството не презентираше никакви докази што би укажале кој стандард или подзаконски акт го прекршиле третообвинетиот и другите обвинети, за да можат да одговорат пред судот за предложеното обвинение“, рече Гоце Ристов, адвокат.
Според обвинението, обвинетите, во периодот од октомври 2023 до февруари 2024 година, како полициски службеници при увид во дискотеката „Пулс“, не постапиле согласно планот за дејствување, а при внесување податоци во записникот, внеле податоци за компанија која не била активна. Судот ќе ја објави одлуката за ова прашање на 5 мај.
