Израел ќе продолжи да одржува безбедносна зона во јужен Либан и да ја уништува терористичката инфраструктура, ова е одлука на израелското државно и воено раководство.
Според порталот „Тајмс оф Израел“, премиерот Бенјамин Нетанјаху, министерот за одбрана Израел Кац и воените команданти се согласиле за ова во текот на ноќта од понеделник кон вторник.
Оваа одлука доаѓа во чувствителен момент, со оглед на тоа што повлекувањето на Израел од Либан е еден од клучните услови што ги поставува Иран за време на тековните мировни преговори со Соединетите Американски Држави. Иран, имено, е главен спонзор на милитантното либанско движење Хезболах.
Израелските власти продолжуваат да го оправдуваат своето присуство во соседната земја единствено во обид да го заштитат Израел и неговите граѓани од заканите што ги претставува ова шиитско движење.
„Израелските одбранбени сили (ИДФ) ќе продолжат решително да дејствуваат за да ги спречат заканите за нашите војници и цивили, да ја уништат терористичката инфраструктура и да продолжат да ја одржуваат безбедносната зона во јужен Либан“, се вели во заедничкото соопштение на владата и војската, објавено од израелските медиуми.
Под терминот „безбедносна зона“, Израел подразбира територија на соседна држава која е окупирана од нејзини војници. Според израелското раководство, одржувањето на овој појас е неопходно за да се спречи Хезболах да ги гранатира северните делови на еврејската држава.
Да ве потсетиме дека од минатиот петок е на сила примирје меѓу Израел и Хезболах. Сепак, во текот на првите денови од овој договор, Израел уби десетици луѓе во неколку напади во Либан, за што објавија локалните медиуми.
Од друга страна, во неделата од Израел пристигна соопштение дека од понеделник на северот од земјата ќе бидат укинати сите ограничувања за собири што беа воведени поради војната со Хезболах. Оваа одлука на армијата, како резултат на намалувањето на интензитетот на борбите во јужен Либан, француската агенција АФП ја оцени како можен знак за смирување на тензиите.
Сепак, геополитичката слика останува исклучително сложена. Иран, за кого Хезболах е клучен партнер во регионот, постави јасен услов за склучување конечен мировен договор со САД: итен прекин на борбите во Либан и целосно повлекување на израелските трупи.
Иако американските претставници постојано нагласуваат дека мировниот меморандум предвидува прекин на огнот на сите фронтови, вклучително и на либанскиот, од Тел Авив доаѓа сосема поинаква порака. Израелските претставници јасно ставија до знаење дека мировниот договор, кој би произлегол од преговори на кои тие воопшто не биле поканети, едноставно не се однесува на нив.
