Коалицијата „Заедничка листа“ на арапските партии го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека се обидува да ги поткопа изборните резултати со неосновани тврдења за измама и странско мешање и ја повика опозицијата да соработува со арапските партии за соборување на неговата влада.
„Престанавме да се извинуваме и да се браниме од валканите лаги и неоснованите обвинувања на десничарите кои одбиваат да ги прифатат резултатите од изборите. Овие расистички обвинувања само покажуваат колку се плашат од силата на нашата заедница“, се вели во соопштението на партијата, според „Тајмс оф Израел“.
Заедничката листа ги обвинува функционерите на Ликуд за финансирање на координирана кампања против политичкото учество на арапите, за која партијата вели дека започнала неколку месеци пред изборите. Кампањата вклучувала обиди за дисквалификација на арапските партии и заплашување на гласачите на гласачките места.
„Излеговме на изборите во невиден број и постигнавме историски резултат, и за нашата заедница и за целиот демократски блок. Ниту една клеветничка кампања нема да го избрише успехот на арапската јавност“, рекоа тие.
Според проекциите, блокот на Нетанјаху би освоил 53 места, а опозицискиот блок предводен од Гади Ајзенкот 48. Заедничката листа и Раам имаат вкупно 19 места, па со нив опозицијата би можела да има мнозинство во Кнесетот, доколку партиите се согласат за соработка.
„Ги повикуваме лидерите на опозицискиот блок да престанат да соработуваат со валканите лаги на Нетанјаху и расистичките Каханисти“, соопшти Заедничката листа. Тие бараат од опозицијата да покаже политичка храброст, не само со зборови, туку и со дела.
„Без нас не можете да победите. Со нас можеме да изградиме поинаква иднина“, соопшти партијата.
Соопштението дојде откако претседателот на Централната изборна комисија, судијата Ноам Солберг, побара од Шин Бет да истражи наводно странско финансирање за влијание врз изборите. На јавноста не ѝ беа презентирани никакви докази што би ги потврдиле овие сомневања или би ги поврзале арапските партии со нив. Сепак, Нетанјаху и неговите сојузници ја искористија истрагата за да тврдат дека изборите биле украдени преку странско финансирање што ја зголемило излезноста на арапските гласачи.
Вршителот на должноста генерален директор на Централната изборна комисија, Дин Ливн, ги отфрли обвинувањата за масовна измама како неосновани. Тој рече дека гласањето било спроведено во согласност со законот и дека, според неговите сознанија, немало докази за систематски нерегуларности.
