Народна банка го крие решението за Алта – како Славески го проценил ризикот по консултацијата со Мицкоски, праша Богданка Кузеска – портпаролка и членка на ИО на СДСМ.
„Додека Обвинителството молчи и нема отворено истрага за Алта банка вистината излегува на виделина. Народна банка го крие решението за тоа како Славески го проценил ризикот за влез на Алта банка во Македонија. Медиумите го побарале решението на Извршниот одбор на НБРМ, кој се состои од гувернерот и вицегувернерите. Посочиле дека го бараат без евентуалните класифицирани и чувствителни информации. Ама не го добиле“, рече Кузеска.
Според неа, ова е потврда на се што СДСМ говори.
„Вистината се крие од јавноста за да се заташка случајот, да се спасат виновниците кои ја донесоа пералницата на пари на Вучиќ во Македонија. Гувернерот Славески јавно изјави дека одлуката за Алта банка ја донел во консултација со Мицкоски. Затоа се крие од јавноста. Одговорноста чука на вратата на Славески и Мицкоски. Во Законот за банки точно стои кога треба да се одбие барањето за стекнување акции. Член 59, став 6, ги издвојува високиот ризик за стабилноста, сигурноста и угледот на банката и основаниот сомнеж во законското потекло на парите, интегритетот или вистинскиот идентитет на лицето и поврзаните лица. Блиските врски, сопственичката или организациската структура може да ја отежнат супервизијата и преземањето корективни мерки. Ова е составен дел и од Кривичната пријава којашто СДСМ ја поднесе , а за која поминаа 10 дена и не се постапува“, рече Кузеска.
Таа кажа дека обвинителот Савески мора да постапи, да отвори истрага за Алта банка и согласно Закон сите да одговараат. „Доколку не постапи ќе стане соучесник, и тоа мора да му биде јасно“, рече Кузеска.
