Германскиот тренер Јирген Клоп (58) беше голема желба на претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, но тој ја отфрли можноста да ја преземе клупата на мадридскиот клуб.
Имено, Клоп и Зинедин Зидан беа сметани за главни кандидати по отпуштањето на Чаби Алонсо, но се чини дека ниту еден од нив не е заинтересиран за таа позиција.
Клоп моментално ја држи позицијата глобален директор за фудбал во групацијата „Ред Бул“, а во интервју за „СервусТВ“ ја негираше можноста да се приклучи на Реал.
„Не ми е гајле и тоа нема никаква врска со мене. Заминувањето на Чаби Алонсо е знак дека не е сè 100 проценти како што треба. Алонсо е исклучителен тренер, но како наследник на легендата Карло Анчелоти, кој имаше многу специфичен начин на водење на своите тимови, не му беше лесно. Многу ми е жал за него бидејќи мислам дека е одличен тренер“, рече Клоп.
Од друга страна, Зидан веројатно ќе ја преземе француската репрезентација по Светското првенство следното лето.
Зидан претходно изјави дека сака да ја предводи репрезентацијата, а Француската фудбалска федерација е подготвена да му ја понуди улогата на наследник на Дидие Дешан.
