Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп верува дека е блиску до постигнување договор со Иран што би можел да означи крај на сегашниот конфликт и да го отвори патот за продолжување на нуклеарните преговори, објави „Аксиос“, повикувајќи се на американски претставници.
Според овие извештаи, станува збор за краток меморандум за разбирање од една страница што би поставил рамка за подетални преговори за нуклеарната програма на Иран.
Како што е посочено, Соединетите Американски Држави очекуваат одговор од Иран по неколку клучни точки во следните 48 часа. Предложениот договор вклучува мораториум за збогатување на ураниум во Иран, додека Вашингтон за возврат би ги ублажил санкциите и би одобрил ослободување на милијарди долари замрзнати ирански средства.
Според истите извори, договорот би вклучувал укинување на ограничувањата за поморскиот сообраќај низ Ормутскиот теснец, што е клучно за глобалната трговија со енергија.
Во исто време, Ројтерс наведува дека не може независно да ја потврди оваа информација, додека Стејт департментот и Белата куќа не одговорија веднаш на медиумските прашања.
Во меѓувреме, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, беше во Кина каде што се сретна со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји. За време на состанокот, тој рече дека Иран ќе прифати „само фер и сеопфатен договор со САД“, нагласувајќи дека Техеран ја цени поддршката на Пекинг.
Тој ја опиша Кина како „близок пријател“, со порака дека билатералната соработка ќе биде дополнително зајакната во сегашните околности. Пекинг постојано ги повикува двете страни да го зачуваат прекинот на огнот и да ги отстранат ограничувањата во Ормутскиот теснец.
Според достапните информации, се разгледува и поширок рамковен договор од 14 точки, кој би вклучувал суспензија на збогатувањето ураниум за период од најмалку 12 години, ублажување на санкциите на САД, ослободување на замрзнати средства и повторно отворање на клучните поморски патишта.
Таа рамка би започнала со 30-дневен преговарачки процес, веројатно во Женева или Исламабад, за време на кој двете страни постепено би ги намалиле воените активности и ограничувањата на поморскиот сообраќај.
Според предлогот, Иран би прифатил построги инспекции на Обединетите нации и би се обврзал да не развива нуклеарно оружје.
Сепак, конечен договор сè уште не е постигнат.
