Португалската полиција денес ги расчисти протестните кампови во Лисабон и Порто и уапси 13 демонстранти, откако илјадници граѓани протестираа во саботата против зголемувањето на трошоците за домување.
Полицијата, како што објави Ројтерс, употреби штитови и палки за да ја растера толпата, наведувајќи дека некои демонстранти фрлале шишиња и боја кон полицијата.
Според полициското соопштение, шест лица се уапсени во Лисабон и седум во Порто затоа што одбиле да ги почитуваат наредбите за растерување.
Во интервенцијата беа повредени 13 полицајци, од кои осум беа префрлени во болница, а непознат број на цивили беа повредени.
Активистичката група „Акампада Лисбоа“ објави дека повеќе од 30 демонстранти се повредени, од кои десет побарале болничко лекување.
Демонстрантите бараат од централно-десничарската малцинска влада да го повлече законот со кој ќе се олесни иселувањето на станарите и ќе се укинат ограничувањата за кирија за новите договори за закуп.
Португалскиот премиер Луис Монтенегро ја отфрли можноста за повлекување на предлогот, но изјави дека се можни промени пред конечното гласање.
Како што објаснува Дојче Веле, Португалија се соочува со една од најтешките станбени кризи во Европа, а цените на недвижностите во таа земја се зголемија повеќе од двојно од 2017 година.
