Пирс Морган го најави најличното и најотвореното интервју во кариерата на Кристијано Роналдо, кое ќе биде емитувано во вторник, 4 ноември, а интересни фрагменти веќе се појавија на Твитер.
Во краток клип кој веќе стана вирален на социјалните мрежи, Морган го праша Роналдо за мислењето на Вејн Руни, кој рече дека Лионел Меси е подобар од Роналдо.
„Меси е подобар од мене? Не се согласувам. Не сакам да бидам скромен“, рече Роналдо.
Роналдо уште еднаш јасно стави до знаење дека се смета себеси за подобар од аргентинскиот ас, отворајќи ја повторно вечната дебата за тоа кој е најдобриот фудбалер на сите времиња.
Иако статистиката покажува дека Португалецот е најдобриот стрелец во историјата, Меси сè уште е предводник по бројот на освоени трофеи, и индивидуални и колективни.
