„Не сум компетентна, има и други институции во државата кои мора да дадат збор“, вака одговори министерката за образование Весна Јаневска на прашањето дали некој од вработените на Филозофскиот факултет ќе биде одговорен за скандалот, кој беше објавен вчера.
Таа вели дека се надева оти ова е изолиран случај и дека не е направено намерно. Јаневска уште еднаш нагласи дека сè уште чека на извештајот, а доколку регистрацијата биде откажана, тогаш и дипломите ќе бидат одземени.
„Ситуацијата е доста комплицирана и не сум компетентна да дадам одговор на ова. За ова постојат и други институции во земјата и се надевам дека постапката ќе се спроведе правилно. Би сакала да верувам дека ова е изолиран случај и дека не е намерно направено, туку токму поради оваа причина другите институции ќе го дадат својот збор и како што ќе утврдат, така ќе биде и постапувањето“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Деканот на Филозофскиот факултет објави дека на вкупно 11 студенти на магистерски и докторски студии, кои завршиле тригодишни професионални универзитетски студии, ќе им биде откажана регистрацијата и студентскиот статус, што значи дека нивните студии ќе бидат прекинати. Ова доаѓа откако Државниот инспекторат за образование, при инспекциски надзор, утврди неправилности во регистрацијата на овие студенти на магистерски и докторски студии и одлучи да им ги прекине студиите.
