Досега во Северна Македонија се регистрирани 43 случаи на западнонилска треска, од кои 40 се потврдени лабораториски, додека кај уште три лица присуството на вирусот е утврдено со еден тест, информираше министерот за здравство Сашо Клековски.
За првпат, случаи на западнонилска треска се регистрирани и на подрачјето на скопските општини Центар и Чаир.
Дополнително, вирусот е потврден за првпат кај мртов гавран пронајден во Скопје. Ова е прв регистриран случај на птица позитивна на вирусот Западен Нил. Во изминатиот период, надлежните институции добија неколку пријави за мртви птици, кои Агенцијата за храна и ветеринарство ги собира и ги испраќа на дополнителни испитувања.
Здравствените власти, како што информираше Клековски, веќе ги мапираа областите каде што има зголемен ризик од ширење на вирусот.
„Комарците не ги препознаваат општинските граници и можат да се движат на растојание од еден до два километри. Моментално работиме со 34 ризични области, од кои 13 се оценети како високо ризични“, рече Клековски.
Тој нагласи дека реките со риби претставуваат помал ризик бидејќи се хранат со ларви од комарци. Спротивно на тоа, постои значително поголем ризик во застоените води, особено на места каде што има ѓубре и поволни услови за размножување на комарци.
Најопасните подрачја се каналите за наводнување во Скопската рамнина, разните ископи исполнети со вода, како и таканаречените мртви краци и застојани делови од реките.
Меѓу критичните точки се истакнуваат областите околу Серава во делови од Арачиново и Бутел, каналите во Јурумлери, како и оние во Драчево, Батинци и Студеничани.
Зголемен ризик е идентификуван и во близина на септички јами и гробишта, каде што, според властите, постојат поволни услови за задржување на вода и размножување на комарци.
