Дата-центрите што испод радарот ги договара власта заради нивни лични бизнис интереси, ќе трошат огромни количества вода и електрична енергија, а притоа нема да создадат речиси никакви работни места, предупреди претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче.
„Ние не сме против технолошкиот напредок на државата, туку сме против приватните бизнис-интереси на оваа власт и на премиерот Христијан Мицкоски да се остваруваат на штета на граѓаните“, рече Филипче.
Тој потсети дека на прес-конференција објавил документ каде приватна компанија тврди дека обезбедила дозволи од Владата за развој на дата-центар и право да ја користи водата од реката Вардар.
„Како може приватна компанија да располага со водата од Вардар? Што ќе се случи со земјоделието и од каде земјоделците ќе ги наводнуваат плодните површини ако водата се користи за дата-центри?“, праша Филипче.
Дата-центрите користат огромни количества вода за ладење, а останува неодговорено и прашањето во каква состојба таа вода ќе се враќа во речното корито и какви ќе бидат последиците за животната средина, вели тој.
Филипче укажа и на огромната потрошувачка на електрична енергија и ризикот трошоците на овие проекти да паднат врз грбот на граѓаните.
„Имаме ли капацитет да ги снабдуваме дата-центрите со струја? Дали нивната огромна потрошувачка ќе значи поскапа струја за граѓаните? Дали поради нив во околината нема да може да се изградат фабрики и други производствени капацитети? Власта не дава одговор на ниту едно од овие суштински прашања“, рече Филипче.
Наспроти огромната потрошувачка на вода и струја, најавените дата-центри нема да донесат значителен број нови работни места, вели претседателот на СДСМ.
„Каква корист ќе има Македонија од дата-центри што ќе ги трошат нашите природни и енергетски ресурси, ќе создаваат бучава, а ќе вработуваат само двајца или тројца луѓе? Кои се придобивките, кои се ризиците и што се крие зад овие зделки?“, праша Филипче.
Водата, земјата и енергетските ресурси не се приватна сопственост на власта, туку им припаѓаат на сите граѓани, кажа тој.
„Македонија треба технолошки да се развива, но во интерес на граѓаните, земјоделците и економијата, а не за приватните интереси на Христијан Мицкоски и луѓето блиски до власта“, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче.
