Повеќе од една недела Христијан Мицкоски и владината делегација престојуваат во САД, а јавноста не виде ниту една конкретна средба, договор или резултат за Македонија, изјави денеска претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Веројатно ова е владината делегација со најдолг престој, а со најмалку сработено. Другите делегации сега пристигнуваат во Њујорк, а тие се таму веќе една недела и не видовме апсолутно ништо конкретно“, рече Филипче.
Тој посочи дека Мицкоски се обидува екскурзијата во САД да ја оправда со наводна одбрана на националните интереси и македонскиот идентитет, но дека зад тие изјави нема ниту еден конкретен резултат.
„Мицкоски вели дека ги штител националните интереси и идентитетот. А претседателката Силјановска-Давкова самата кажа дека Преспанскиот договор го потврдува македонскиот идентитет. Тогаш, што штити Мицкоски во Америка?“, праша Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со години ја манипулира јавноста дека ќе го враќа името, ќе го поништува Преспанскиот договор и ќе го репреговара Договорот со Бугарија, но не направил ништо од тоа.
„Вистината е едноставна – повторно лаже, како што лаже со години. Ништо не направи, ниту сега нешто прави. Оваа власт не само што не ги брани, туку ги загрозува националните интереси“, истакна претседателот на СДСМ.
Филипче нагласи дека еден од највисоките национални интереси е интеграцијата на државата во Европската Унија, додека, како што кажа, изолационистичката политика на Мицкоски ја оддалечува Македонија од европските фондови и развојните можности.
„Државата е презадолжена, буџетот е во катастрофална состојба, а Владата зема скапи кредити затоа што ги затвори вратите за европските грантови. Изолационистичката политика, завиткана во лажен патриотизам, ја води Македонија во пропаст“, рече Филипче.
„Светот веќе ја препознава политиката на Мицкоски и затоа му покажува каде му е местото – со маргинални состаноци во Америка. Една недела екскурзија, а ниту една конкретна средба или резултат за државата“, рече Филипче.
