Научниците открија дека еден далечен свет има навистина необична природа и отворено ѝ пркоси на својата ѕвезда-домаќин, црвено џуџе.
Оваа екстрасоларна планета, или егзопланета, означена како GJ 3090b, е оддалечена околу 73 светлосни години и има многу неправилна орбита, движејќи се во спротивна насока од ротацијата на нејзината матична ѕвезда.
Научниците би можеле да го објаснат ова ако GJ 3090 b имала масивен придружник, било да е тоа гасен џин, кафеаво џуџе или друга ѕвезда, но тој го нема. Се чини дека овој свет, кој беше откриен во 2022 година, всушност е единствен.
„На наше големо изненадување, планетата GJ 3090 b не само што е во многу нерамномерна орбита, туку се движи и ретроградно, т.е. во спротивна насока од ротацијата на нејзината ѕвезда“, изјави членот на истражувачкиот тим Јан Картерет од Одделот за астрономија на Универзитетот во Женева (UNIGE).
Планетите се формираат од дискови од гас и прашина што ги опкружуваат младите ѕвезди. Оваа материја ротира во иста насока како и централната млада ѕвезда, што значи дека планетите формирани од неа исто така треба да се движат во иста насока.
Слично на тоа, планетите треба да имаат слична орбитална рамнина како нивната матична ѕвезда. Разликата во ориентацијата на рамнината на аголниот момент на ѕвездата и секоја од нејзините планети се нарекува Psi, и се јавува како резултат на нарушувања за време на фазата на формирање на планетите. На пример, Psi на Земјата е 7 степени.
„Мерењето на аголот Psi ни дава информации за формирањето и еволуцијата на планетарните системи. Затоа, природно е да се обидеме да ја измериме оваа вредност и во други планетарни системи“, рече Картерет.
GJ 3090 b има радиус 2,2 пати поголем од оној на Земјата и маса 4,5 пати поголема од нашата планета, поради што припаѓа на категоријата „суб-Нептун“. Суб-Нептуните се меѓу најчестите планети во Млечниот Пат, меѓутоа, кога тимот го проучувал овој свет користејќи го инструментот NIRPS во опсерваторијата Ла Сила, оваа егзопланета покажала нешто многу необично, имено 136 степени Psi.
„Токму перформансите на инструментот NIRPS во инфрацрвениот опсег овозможија да се постигне прецизноста потребна за мерење на аголот помеѓу орбиталната рамнина на планетата и екваторијалната рамнина на ѕвездата за толку мала планета“, рече Лена Парк од UNIGE.
Овој планетарен систем е еден од само петте системи забележани досега со вредност на Psi поголема од 70 степени, но она што е навистина различно овде е фактот дека другите системи имаат масивен објект кој јасно се чини дека ги предизвикал многу нерамномерните орбити.
„Отсуството на масивен придружник за да се објасни оваа необична орбита ќе нè наведе да истражуваме други хипотези. Во случајот на GJ 3090, ѕвездата можеби привлекла секундарен диск кој бил нерамномерен и ретрограден, од кој потоа се формирале планетите во овој систем“, рече Винсент Буриер од UNIGE, кој исто така понуди објаснување за оваа голема вредност на Psi.
Истражувањето на тимот беше објавено во списанието „Астрономија и астрофизика“.
