Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со европратениците кои учествуваат на 25. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет (МПК) Северна Македонија – Европска Унија, кој на 24 и 25 септември 2026 година се одржува во Собранието на Република Северна Македонија.
Во отсуство на хрватскиот европратеник Карло Реслер, кој заедно со македонската пратеничка Иванка Василевска е копретседавач со МПК Северна Македонија – Европска Унија, Делегацијата од Европскиот парламент ја предводеше бугарскиот европратеник Ивајло Валчев, кој е втор копретседавач од страната на ЕУ. Во делегацијата составена од седум европратеници е и пратеникот Томас Вајц, кој е известител за Република Северна Македонија во Европскиот парламент. Европратеникот и копретседавач Реслер се очекува да пристигне на самиот почеток на заедничкиот состанок на МПК.
На средбата европратениците покажаа интерес за процесите што се одвиваат во Собранието, во однос на унапредување на транспарентноста, соработката со граѓанскиот сектор, како и отвореноста на Собранието за граѓаните, при што беше истакнато дека претставниците од граѓанскиот сектор во земјава даваат позитивна оценка за работата на Собранието во оваа насока.
Претседателот Гаши нагласи дека последниве години, со поддршка на нашите меѓународни пријатели, е направен значаен исчекор во делот на транспарентноста и отвореноста на Собранието.
На состанокот се разговараше за повеќе прашања, вклучително и за реформската агенда, особено во однос на реформите во администрацијата, правниот систем, како и регионалната и транспортната поврзаност.
Притоа, единствен беше ставот дека мора заеднички да работиме на јакнење на меѓусебната доверба, особено кај граѓаните, бидејќи тоа е клучно во текот на евроинтегративниот пат на секоја држава.
Претседателот Гаши посака успешна и продуктивна работа на состанокот на МПК и изрази уверување дека преку конструктивен дијалог може да се надминат сите предизвици.
