Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков синоќа учествуваше на 25. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија- Европска Унија.
Во рамки на дискусијата заменик-министерката ги презентираше актуелните процеси и приоритетите на Владата во европската интеграција на земјата, со посебен фокус на реформите, владеењето на правото и исполнувањето на обврските поврзани со пристапниот процес.
„Нашата европска перспектива не е само политичка цел, туку процес кој бара континуирана, координирана и посветена работа од сите институции. Токму ваквиот институционален дијалог со европските партнери е важен за да ги претставиме постигнатите резултати, но и отворено да разговараме за обврските што ни претстојат“, истакна заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков.
Таа порача дека целта на Владата е преку отворен дијалог со европските институции и со Собранието да придонесеме кон забрзување на реформскиот процес и напредокот на Македонија на европскиот пат.
“За Македонија, токму ова е значењето на процесот на европската интеграција: реформи дома, интеграција со Европа и опипливи подобрувања во секојдневниот живот на нашите граѓани. Во исто време, геополитичката средина нè потсетува дека проширувањето не е само економски проект. Посилен, поинтегративен и поотпорен европски континент е сè поважен за нашата заедничка безбедност и стабилност. Западниот Балкан е дел од Европа – географски, историски и стратешки “– нагласи Трајков.
Во рамки на синоќешната сесија се разговарашеза односите меѓу Европската Унија и Македонија, тековните активности во процесот на европска интеграција, како и за клучните реформски области од значење за напредокот на земјата.
Особено внимание во агендата беше посветено на владеењето на правото и борбата против корупцијата, области кои се меѓу значајните теми во процесот на пристапување кон Европската Унија.
