Проектот во Канада ќе се удвои на 28 милиони тони течен природен гас годишно, а првите испораки од проширениот капацитет се очекуваат на почетокот на 2030-тите.
Конзорциум предводен од британската нафтена компанија „Шел“ донесе конечна инвестициска одлука за удвојување на производствениот капацитет на проект за течен природен гас (ЛНГ) во Британска Колумбија, Канада.
Тоа е поттик за амбицијата на канадскиот премиер Марк Карни да ја направи Канада „енергетска суперсила“, објави CNBC.
Компанијата „Шел“ објави дека капацитетот на проектот ќе се зголеми од сегашните 14 милиони метрички тони течен природен гас годишно на околу 28 милиони тони.
„Шел“ има 40 проценти удел во проектот, додека партнери се малезискиот „Петронас“, кинеската „ПетроЧајна“, јапонската „Мицубиши корпорејшн“ и јужнокорејската државна компанија „Кореја гас корпорејшн“.
Се очекува оваа инвестиција да ѝ помогне на Канада да стане еден од водечките светски извозници на течен природен гас во време на значителни нарушувања на глобалниот енергетски пазар и напори на земјите што ја поддржуваат Украина да ја намалат зависноста од рускиот гас, според CNBC.
Проектот се наоѓа на пацифичкиот брег на Канада и е наменет за снабдување на клиентите во Азија, а комерцијалното работење на проширениот капацитет треба да започне на почетокот на 2030 година.
