Целосно слеп човек, чија здравствена состојба е медицински утврдена како трајна и непроменлива, повторно бил повикан на контролен преглед за да му се проценува потребата од туѓа помош и нега, а претходно признатото право на помош во поголем обем му било намалено.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила директна дискриминација врз основа на попреченост од страна на стручната комисија при јавна здравствена установа.
Според наодите на Комисијата, лицето од 2018 година остварувало право на надоместок за помош и нега од друго лице во поголем обем, но низ годините било упатувано на контролни прегледи за продолжување на правото.
На последниот контролен преглед, извршен на 27 јануари 2026 година, стручната комисија утврдила дека лицето има потреба од помош и нега од друго лице во помал обем, а воедно определила и нов контролен преглед по 12 месеци.
Во постапката пред Комисијата било утврдено дека лицето е потполно слепо, што е потврдено со медицинска документација, претходни наоди и решенија. Во офталмолошкиот наод е наведено дека неговата здравствена состојба е трајна и непроменлива.
Комисијата констатирала дека од доставената документација не произлегува дека кај лицето настапила каква било промена или подобрување на здравствената состојба што би можело да го оправда намалувањето на претходно признатото право на помош во поголем обем.
Дополнително, дијагнозата H54.0 – слепило на двете очи, е опфатена со листата на трајни и привремени промени на здравствената состојба, при што за состојбите со целосно губење на видната функција е предвидена постојана потреба од помош и нега од друго лице во поголем обем.
И Законот за социјалната заштита предвидува дека потполно слепо лице се вбројува меѓу лицата со потреба од помош и нега од друго лице во поголем обем.
За Комисијата особено значајно било тоа што, и покрај трајниот и непроменлив карактер на здравствената состојба, на лицето повторно му бил определен контролен преглед.
Притоа, стручната комисија не навела каква промена во здравствената состојба на потполно слепото лице очекува да биде предмет на новата процена.
Подносителот на претставката навел и примери на други целосно слепи лица кои, според неговите тврдења, не биле повикувани на редовни контролни прегледи. Како конкретен пример ја посочил својата сопруга, која исто така е потполно слепа и подолг период го користела правото без повторни контролни прегледи.
По разгледувањето на документацијата и произнесувањата, Комисијата оценила дека подносителот изнел доволно факти со кои дискриминацијата ја направил веројатна. Со тоа товарот на докажување преминал на потенцијалниот дискриминатор, кој требало да покаже дека различниот третман имал објективно и оправдано образложение.
Според Комисијата, такво образложение не било дадено.
Стручната комисија не успеала да докаже ниту дека постојат медицински или фактички околности што го оправдуваат намалувањето на обемот на помошта и повторното упатување на контролен преглед.
Поради тоа, Комисијата утврдила дека се исполнети елементите на директна дискриминација врз основа на попреченост.
Комисијата препорачува да се изврши повторна процена на потребата од помош и нега од друго лице, при што треба да бидат земени предвид законските одредби според кои потполно слепото лице има потреба од помош во поголем обем.
Истовремено, при повторната процена стручната комисија треба да преиспита дали воопшто има потреба лицето повторно да биде испраќано на контролен преглед, имајќи предвид дека неговата здравствена состојба е трајна и непроменлива.
За постапување по препораките е даден рок од 30 дена. Доколку тие не бидат спроведени, Комисијата најавува дека може да побара поведување прекршочна постапка пред надлежен суд.
