Министерството за внатрешни работи, преку Одделот за криминалистичка полиција, во координација и содејство со сите Сектори за внатрешни работи и Регионалните центри за гранични работи, од септември 2024 година спроведува Оперативна акција „Чистач“ на целата територија на Македонија.
Акцијата е насочена кон детектирање, следење и расветлување на состојбите и општествено девијантните појави, како и откривање и сузбивање на кривични дела од областа на насилниот криминал, недозволената трговија со дрога и прекуграничниот криминал.
„Од почетокот на Оперативната акција ‘Чистач’ до денес, полициските службеници извршиле проверка и утврдување на идентитетот на 74.229 лица, додека извршени се 158.955 прегледи на лица, превозни средства и багаж. Во рамки на преземените мерки и активности, лишени се од слобода вкупно 5.628 лица, извршени се 1.158 претреси на домови и други простории, а поднесени се 1.135 кривични пријави. Од вкупниот број кривични пријави, 88 се однесуваат на сторени кривични дела од областа на насилниот криминал, додека 1.047 кривични пријави се однесуваат на кривични дела поврзани со недозволена трговија со дрога“, соопшти МВР.
Во текот на реализацијата на акцијата, биле запленети значителни количини различни видови наркотични дроги, меѓу кои марихуана, кокаин, амфетамин, хероин, хашиш и таблети МДМА, како и оружје, парични средства, повеќе патнички моторни возила и мобилни телефони.
За сторителите на кривичните дела, согласно законските процедури и одлуките на надлежните органи, определени се мерки притвор, а во дел од случаите се изречени и затворски казни.
Од МВР наведуваат дека во рамки на активностите преземени согласно Оперативната акција „Чистач“, спречени се и повеќе меѓународни канали за недозволена трговија со наркотични дроги, особено на граничните премини Табановце, Деве Баир и Стар Дојран.
