По објавите дека на 7 октомври на подрачјето на Скопје, две лица биле физички нападнати од полициски службеници при нивното постапување, при што, според нивните наводи, им бил оштетен и автомобилот, министерот за внатрешни работи наложи на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди да го испита случајот.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека Одделот презема мерки и активности за целосно утврдување на фактичката состојба и околностите на настанот, како и за утврдување на евентуална одговорност на инволвираните полициски службеници.
„По утврдувањето на фактичката состојба ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските прописи, а јавноста ќе биде навремено известена“, велат од МВР.
ДУИ денеска обвини дека две млади лица на возраст од 21 и 23 години биле брутално малтретирани од полицијата.
„Според информациите, во интерниот полициски извештај се тврди дека младите му го одзеле пиштолот на еден полициски службеник, додека, според нивните изјави, оружјето завршило во нивното возило откако полицијата им го скршила стаклото. Тие, исто така, изјавуваат дека полицајците пукале со огнено оружје, им ги дупнале гумите на возилото, а потоа ги малтретирале, откако им ги врзале рацете и ги легнале на земја“, велат од ДУИ.
Партијата бара итна, непристрасна и транспарентна истрага за целосно расветлување на настанот, како и одговорност за секое прекршување од страна на полициските службеници.
ДУИ, исто така, бара оставка од заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, како и целосна институционална одговорност за овој случај.
