back to top
15 C
Skopje
среда, 14 октомври , 2026

Мицкоски до Апасиев: Туѓите бизниси ти сметаат, а скапите хотели и шопингот во Солун не

Други наслови

„Почитуван Апасиев, навистина не ве бивало за бизнис. Сега сфатив зошто имате толку голема фрустрација од овој трет ешалон, каде што вие не можевте ни на десеттиот да дојдете во таа политичка партија, па моравте неколку да смените во меѓувреме. Прашање кога и од таму ќе ве исклоцаат. Но, тоа е друга тема за која што може во некоја друга прилика ќе зборуваме малку повеќе“, му порача претседателот на Владата Христијан Мицкоски на пратеникот Димитар Апасиев на денешната собраниска седница.

Мицкоски упати остри критики кон Апасиев, обвинувајќи го дека преку собраниската говорница изнесува лаги и клевети без да сноси одговорност за кажаното. Го повика јавно, пред медиумите, да ги повтори тврдењата што ги изнел во Собранието, со порака дека е подготвен правдата за нив да се бара на суд.

„Овде сум јас инфериорен, бидејќи после мене вие ќе излезите и ќе фрлите уште нов грст лаги и клевети. И нормално како секоја кукавица ќе ја искористите или злоупотребите собраниската говорница без притоа да немате некаква кривична одговорност ниту за клевета, ниту пак за нешто друго. Јас ве поканувам како голем маж, храбар маж, што не сте, а не обична кукавица да излезете ова што денеска го кажавте и надвор пред медиуми на прес-конференција да го кажете, и тогаш ќе се најдеме во арената каде што вие сте најјак, а тоа е судот. Па ќе мора ова што денеска го кажавте, да го докажете“.

Во однос на Јорданчо Јанев, посочи дека станува збор за негов баџанак, односно дека сопругата на Јанев е сестра на неговата сопруга. Притоа, нагласи дека информациите за бугарското државјанство на Јанев не се точни, тврдејќи дека тој поседува бугарски пасош од 2003 година, а не од 2017 година.

„Инаку, да мене Јорданчо Јанев ми е баџанак, односно неговата сопруга е сестра на мојата сопруга. Инаку не ви е точен податокот дека од 2017-та има бугарски пасош туку од 2003 година. Инаку, да тој е син на двајца стечајци, татко му кога останал без работа во тогашната Треска, му дава еден камион кој што тој го вози за да заработи, за да ја прехрани фамилијата која е останата без работа во времето на транзицијата. И потоа развива свој сопствен бизнис кој што трае повеќе од 25 години. Јас навистина не можам да сфатам што е грев, па дури и да е бугарски граѓани, па дури и да еве во Бугарија да прави бизнис во левови, милиони како што кажувате, и тие пари да ги донесе во Македонија и тука да ги троши. Јас навистина не можам да сфатам што е грев, парите кои што ги заработуваат луѓето надвор да ги донесат луѓето тука, наместо да ги изнесуваат или да речеме да летуваат во скапи хотели на Егејското крајбрежје или да шопингуваат во Тесалоники, како што вие милувате да кажете, скапа гардероба која што ја носите вие и вашето семејство, и на тој начин да ги манипулирате овие околу вас кои што ви даваат каква таква поддршка. Јас навистина не разбирам, вие навистина не се разбирате од бизнис“, вели Мицкоски и додаде:

„Но, ај што не се разбирате од бизнис, туку и доаѓате овде како секоја обична кукавица доаѓате овде на говорница и истурате клевети кои тоа немаат никаква врска, па дури и успевате да ја сквернавите и прославите на свети Тивериополски свештеномаченици која што е градска слава во Струмица и која што трае со децении. Добро вие сте еретик, не ги разбирате тие работи, а еретиците не можат да ги сфатат тие верски обичаи“.

Мицкоски повторно го повика Апасиев да ги изнесе своите тврдења јавно, пред медиумите, наместо да ги користи пратеничката говорница, нагласувајќи дека е подготвен за правна разрешница на спорот.

„Така што господине Апасиев, јас најчесно, најпријателски, најдругарски ве замолувам за да ја оттргнеме оваа перцепција дека сте кукавица и дека немате срце, излезете после ова беседа што сега после мене ќе ја кажете на прес конференција и кажете ја. Немојте вака сега да излегувате тука и да лажете, да измислувате итн“, рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ има илјадници донатори, членови и симпатизери кои финансиски ја поддржуваат партијата. Притоа, упати критики кон политичките противници, обвинувајќи ги дека земаат хонорари и дневници од партијата, а потоа средствата ги вложуваат во угостителски објекти, како кафулиња и ноќни клубови, од кои остваруваат профит.

„Инаку што се однесува до донаторството. Да, во ВМРО-ДПМНЕ има повеќе донатори, илјадници донатори, членови и симпатизери на партијата. За разлика од кај вас кои што земате од партијата хонорари и дневници, и тие потоа ги трошите, купувате објекти, кои потоа се кафе барови, ноќни клубови и кафичи, ги регистрирате, го црпите профитот од таму, за да можете вашите хедонистички навики вие и вашето семејство да ги покажете на јавна сцена“, дециден е Мицкоски.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести