Премиерот Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на случајот со „Алта банка“, изјави дека тоа е случај во соседна Србија, и дека кај нас тој случај е увезен и нема ништо слично како што беше случајот со „Еуростандард банка“.
„Еуростандард банка“ претходната Влада на СДСМ ја банкротираше откако нивната поранешна министерка за финансии, ден-два пред да ја банкротира, извлече од банката депозити од 250.000 евра. И тоа е факт.
Ние сега имаме увезен проблем којшто се случил во нашето соседство. Јас сум повеќе исплашен за еден друг феномен којшто никој не го поставува како прашање, а тоа е следното: во 2025 година трговијата помеѓу двете земји, помеѓу нас и нашиот северен сосед, изнесуваше некаде околу една милијарда и двесте милиони евра. Неколку компании ми се јавија, македонски, коишто велат: мојот партнер е пред банкрот или е банкротиран во Србија бидејќи му се блокирани средствата во „Алта банка“, што да правиме, ве молиме, како Влада помагајте. Тоа ќе биде многу поголем проблем. Зошто многу поголем проблем? Бидејќи бизниси се затвораат, компании банкротираат, луѓе ќе остануваат без своите работни места — не само во Србија, туку и кај нас. Бидејќи тие милијарда и двесте милиони биле дневен обрт на средства коишто се движеле во текот на целата година. Истото се случува и сега. Тоа повеќе ме загрижува, бидејќи неколку македонски компании ми се јавија и ми го предочија овој проблем. И ако таму за брзо време не се консолидира состојбата, ќе имаме многу поголем ланчен систем“.
Ме загрижува, додава Мицкоски и состојбата во Албанија, бидејќи како што рече и тоа може еден ден да се пренесе кај нас.
„Што се однесува до „Алта банка“ и нејзината аквизиција во Македонија, „Стопанска банка Битола“, од тоа што сум јас информиран, сакам да го кажам следново: банката е купена откако претходно се запазени сите законски процеси коишто се моментално дел од македонското апликативно право. Добиени се позитивни мислења од сите институции, меѓу кои Комисијата за хартии од вредност, Комисијата за заштита на конкуренцијата итн. На јавна аукција, акционерите од банката, коишто се приватни лица — тука Владата нема никаква врска, ниту пак сака да има врска — ги продаваат акциите на сопственикот, во случајот „Алта банка Србија“, и така тие стануваат сопственици на „Стопанска банка Битола“ и потоа ја ребрендираат во „Алта банка Македонија“.
Ја обвини опозицијата за созфавање хистерија кај граѓаните.
„Не да помогнат тие најмалку се грижат за штедачите и доверителите на „Стопанска банка Битола“ или „Алта банка Битола“. Тие мислат дека на тој начин ќе остварат политички бенефит и ќе се факторизираат на политичката сцена во Македонија, бидејќи се оптоварени со внатрешни поделби, обвинувања кој колку бил корумпиран во времето на Владата на СДСМ и ДУИ, но тоа е нивен проблем. Ние сме државотворна партија и ние се грижиме за интересите на граѓаните. Затоа сакам да бидам многу јасен, можни се две сценарија. Првото сценарио е да се обезбеди купувач, што ќе биде многу тешко. Зошто? Гледате што прават: држат прес-конференции пред Народната банка и ги одвраќаат потенцијалните можни купувачи коишто ќе ја консолидираат банката. Тоа е едното сценарио.
И второто сценарио е банката да влезе, ако нема купувач, да влезе во стечај. Што значи тоа? Дека ќе ја изгуби лиценцата за работа. Но она коешто сакам да го испратам како порака до граѓаните, до штедачите и до доверителите, е да бидат безбедни и спокојни, да не подлегнуваат на хистеријата и лагите, невистините и шпекулациите коишто доаѓаат од опозициската партија, во случајот СДСМ. Зошто? Затоа што според нашите проверки, 95-96 % од штедачите се со штедни влогови до 30 илјади евра — тие се загарантирани во целосната сума. Да бидат спокојни, до цент ќе им бидат, до денар ќе им бидат вратени. Останатите коишто ќе влезат во стечајната маса, тоа се неколку стотини, исто така да бидат спокојни. Зошто? Затоа што активата на банката е многу поголема отколку што се побарувањата од истата, можеби 2-3 пати е поголема. Така што апелирам до граѓаните: бидете спокојни, ве молам. Немојте да потпаѓате под хистеријата и лагите коишто ги испраќаат од опозицијата“.
Државата, нагласи Мицкоски има инструменти, го следи процесот.
„Нема да остане ниту еден — ако дојде до најлошото сценарио, банката да отиде под стечај — којшто нема да биде обештетен до последниот цент. Секој доверител, дали е тоа штедач или компанија, ќе биде обештетен до последниот цент.
Но она што ние сега го правиме, бидејќи сме државотворна Влада, а не сме опозиција којашто е оптоварена со внатрешни поделби и внатрешни неусогласувања и обвинувања кој колку бил криминален, па сега ова го гледаат како можност да се факторизираат и да создадат улична демократија наместо ова што сме денес — пример за регионот. Гледате секаде што се случува, кај нас сме пример за регионот и затоа доаѓаат овие економски резултати и затоа кога разговарам и молам за инвестиции сега во Германија, тие доаѓаат затоа што велат: овие се фактор на стабилност. И затоа три фабрики коишто ќе се градат ќе ги објавиме во декември. И тоа е лоша вест за нашата опозиција. Но добрата вест за граѓаните, дури и во најлошото сценарио — еве ги гледам в очи преку камерите и ви кажувам — е дека секој граѓанин, секој доверител, до последниот цент ќе биде обештетен. Ве молам немојте да подлегнете на оваа хистерија којашто ја прави опозицијата.
И конечно на крај, сакам да кажам дека редно е и Јавното обвинителство да се позанимава согласно Кривичниот законик со ова кривично дело, саботажа, коешто го прави опозицијата којашто свесно го урива Уставот и државниот поредок ширејќи невистини, немир креирајќи, лаги, и на тој начин ги доведува граѓаните во чувство на несигурност, исплашеност. А ова кривично дело, ќе ги потсетам, се казнува со казна затвор од најмалку три години по оној Кривичен законик којшто тие го сменија во 2023 година.“
