Дафина Стојаноска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната надзорна расправа насловена „Причини за воведувањето администрација во „Алта банка“ АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“ која се одржува при Комисијата за финансирање и буџет, истакна дека во првичниот предлог наслов за надзорната расправа, предложен од страна на СДС, во крајниот дел од истиот, била содржана, како што вели таа, еден вид констатација дека станува збор за измама на граѓаните, која формулација, подоцна, била отстранета, но Стојаноска го наметна прашањето дали се работи за измама и „кој е всушност измамникот“ во целата оваа ситуација, согласно сведоштвата презентирани на денешната надзорна расправа.
„Првичниот предлог од колегите од СДС за насловот на оваа надзорна расправа, во крајниот дел, веќе имаше како еден вид констатација дека станува збор за измама на граѓаните, јас на тоа реагирав како заменик-координаторка, па се согласивме оваа дефиниција да ја тргнеме и мислам дека денес е одлична можност навистина да констатираме дали се работи за измама на граѓаните, но јас би рекла од сето она што до сега го проследивме, можеби најбитен е одговорот на прашањето или заклучокот од сите сведоштва денес, кој е всушност измамникот“, рече Стојаноска.
Пратеничката Стојаноска, се надоврза и упати прашање до министерката за финансии Димитриеска Кочоска, од која побара да ги образложи нејзините надлежности како и надлежностите на министерството со кое раководи, односно министерството за финансии, а во однос на банкарскиот сектор.
„За да ги смириме пердувите коишто се разлетаа изминативе неколку дена би сакала прецизно и заради сите присутни, и заради оваа свикана надзорна расправа, но најмногу заради јавноста, конкретно да ми одговорите, која е надлежноста на вашето министерство, на вас како министерка во случај на влез на странска банка на македонскиот пазар или ваша надлежност при преземање на банка во Македонија од страна на странска банка?“, праша Стојаноска.
