Во држава во која јавните набавки со години се синоним за сомнителни тендери, милионски договори, фаворизирани компании и корупциски скандали, ДПМНЕ предлага законски измени што дополнително ги ослабуваат механизмите за контрола врз трошењето на јавните пари. Наместо да ги затвори можностите за злоупотреби, власта предлага нови правила со кои изборот на фирмите ќе зависи од проценка на квалитетот, а пристапот до податоците неопходни за независен надзор ќе стане платен, реагираат од Левица.
Според оваа партија, со членот 10 од предложените измени се воведува задолжителна примена на критериумот „најдобар однос помеѓу цената и квалитетот“ кај определени јавни набавки над 130.000 евра.
„Имено, договорните органи што во тековната година планираат повеќе од три набавки над овој праг ќе мора најмалку три од нив да ги спроведат со примена на овој критериум, додека доколку планираат помалку од три, сите такви постапки ќе мора да го применат.
За разлика од цената, која е јасно мерлива категорија, квалитетот може да се претвори во субјективен критериум доколку не е прецизно утврден преку објективни, проверливи и мерливи показатели. Без такви гаранции, се отвора простор за манипулации со бодирањето, фаворизирање однапред посакувани понудувачи и ограничување на конкуренцијата. Наместо најповолната понуда да биде избрана врз основа на јасни и проверливи параметри, одлучувачка може да стане проценката на самиот договорен орган.
Но, ДПМНЕ не застанува тука. Со членот 3 се предвидува наплата за пристап и користење на јавно достапните податоци од Електронскиот систем за јавни набавки во формат погоден за машинска обработка, како и за користење на веб-сервисите. Висината на надоместокот нема да биде утврдена со самиот закон, туку дополнително ќе ја определува министерот за финансии со посебен тарифник“.
Станува збор, додават од Левица, за податоци што се однесуваат на трошењето на јавните средства, а нивната машинска обработка им овозможува на новинарите, истражувачите, граѓанските организации и сите заинтересирани субјекти систематски да ги анализираат јавните набавки, да споредуваат договорни органи и понудувачи, да откриваат повторливи обрасци и да идентификуваат потенцијални неправилности.
Додаваат дека со воведувањето надоместок, пристапот до ваквата форма на анализа се претвора во платена услуга, а условите и цената ги остава во рацете на Димитриеска-Кочоска.
Од партијата оценуваат дека јавните набавки се едно од најдиректните места каде што се судираат јавниот и приватниот интерес, каде што се распределуваат милионски државни средства и каде што корупцијата најчесто се крие зад навидум законски процедури.
„Во држава во која граѓаните со години сведочат како јавните пари завршуваат во рацете на привилегирани компании блиски до актуелните власти, наместо да ги затвори дупките низ кои се одлева јавниот буџет, власта предлага законски решенија што ја релативизираат објективноста на изборот и ја ограничуваат можноста за независен надзор.
За ДПМНЕ, очигледно, проблемот не е што јавните набавки се недоволно контролирани, туку што јавноста сè уште има механизми да ги контролира!
ДПМНЕ многу добро знае што предлага и какви последици можат да произведат овие измени. Сметаат дека јавноста ќе се задоволи со трошки, дека предупредувањата од антикорупционерите, новинарите и граѓанските организации ќе останат без политичка тежина и дека законските измени ќе поминат тивко, без сериозен отпор. Токму затоа бараме повлекување на Предлог-законот и прекин на обидот со закон да се нормализираат механизми што можат дополнително да ја замаглат распределбата на јавните пари“.
