Прашањето за Тајван е една од клучните црвени линии на Кина, поради што изјавата на јапонскиот премиер предизвика остра реакција од Пекинг.
Односите меѓу Кина и Јапонија повторно се под сериозен тест, а оптимистичките пораки за партнерство што ги разменија пред една година кинескиот претседател Си Џинпинг и тогаш новоизбраниот јапонски премиер Санае Такаичи сега изгледаат како далечно минато. Двете земји сè уште се во дипломатски спор и нема индикации дека нивните лидери ќе се сретнат на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) оваа недела, објави Си-Ен-Ен.
Односите се влошија само неколку недели по нивниот прв состанок, кога Такаичи изјави дека Јапонија би можела да одговори воено доколку Кина се обиде да ја преземе контролата врз Тајван со сила .
Кинеската комунистичка партија го смета Тајван за дел од својата територија, иако никогаш не воспоставила контрола врз островот.
Прашањето за Тајван е една од клучните црвени линии на Кина, поради што изјавата на јапонскиот премиер предизвика остра реакција од Пекинг.
Потоа Кина почна да врши економски притисок врз Јапонија и ги предупреди своите граѓани да не патуваат во земјата. Во исто време, националистичките и антијапонските ставови се засилија на кинеските социјални мрежи.
Десетици јапонски уметници ги откажаа настапите во Кина, иако многу од нив не го наведоа директно дипломатскиот конфликт како причина за таквата одлука.
Остро предупредување од Пекинг
На прашањето дали Си Џинпинг ќе се сретне со Санае Такаичи за време на самитот на АПЕК, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи даде краток одговор.
„Kога станува збор за кинеско-јапонските односи, јасно го искажавме нашиот став повеќе од еднаш“ , рече тој.
Овој став најдобро го илустрираат најавите на кинеското министерство од претходната година.
Во ноември, до Јапонија беше испратено предупредување: „Престанете да ги преминувате границите и да си играте со оган“.
Во декември следеше нова порака: „Повторно ја повикуваме јапонската страна да размисли за своите грешки и да ги исправи“.
Во март, Пекинг изјави: „Време е Јапонија да престане да оди по погрешен пат“.
Долга историја на непријателство
Кина и Јапонија имаат долга историја на конфликти и меѓусебна недоверба. На почетокот на 20 век, јапонската царска армија ја нападна Кина и изврши бројни сериозни воени злосторства, вклучувајќи го и масакрот во Нанкинг.
Иако Јапонија постојано се извинуваше за злосторствата извршени за време на војната, ова прашање останува една од најчувствителните точки во односите меѓу двете земји.
