Товарен авион на „Федекс“ се лизна од пистата при слетување на меѓународниот аеродром во Мајами во пресрет на Денот на благодарноста, предизвикувајќи привремено прекинување на летовите на еден од најпрометните аеродроми во САД.
Авионот, „Мекдонел Даглас МД-11“, го извршувал летот 910 од Мемфис. Инцидентот се случил во среда, околу 20:40 часот по локално време, за време на обилни дождови.
Авионот поминал подалеку од крајот на пистата 26R и завршил во тревна површина, веднаш до ограда што се граничи со аеродромот со прометен пат.
Според извештаите, во инцидентот нема повредени.
Федералната администрација за авијација (FAA) привремено ги суспендираше летовите до аеродромот во Мајами. Сите писти освен една беа привремено затворени, според членот на Комисијата на округот Мајами-Дејд, Роберто Џ. Гонзалез.
Инцидентот предизвика доцнења и откажувања на летови ноќта пред Денот на благодарноста, еден од најпрометните периоди за патување во Соединетите Држави.
Патниците погодени од прекините беа пренасочени кон други летови, велат медиумите .
ФАА и Националниот одбор за безбедност во сообраќајот (NTSB) започнаа истрага за да ги утврдат причините за инцидентот.
Ова е втор пат за помалку од три месеци товарен авион да се лизне од пистата на аеродромот во Мајами.
Во септември, Боинг 767 на „Амазон Ер“ што леташе од Сан Хуан, Порторико, се лизна од пистата, премина пат и се удри во неколку возила пред да се запали.
Пет лица на земја загинаа во таа несреќа
